Ќе го повторам нашиот став дека опозицијата цврсто чекори кон патот на евро-атлантските интеграции на Република Македонија. Но, ако некој очекува од опозицијата да застане рамо до рамо со овие кои што ја потпишаа оваа капитулација, тогаш во најмала рака е премногу претенциозно да се очекува такво нешто од страна на опозицијата, изјави денеска Христијан Мицкоски.
Тој се најде повикан по изјавата на вицепремиерот Бујар Османи, кој ја праша опозицијата да се изјасни на која страна е во овие историски моменти.
-Опозицијата го поддржува евро-атлантскиот пат на Република Македонија од самото нејзино формирање како политички субјект. ВМРО-ДПМНЕ е на таа траекторија и нема отстапување од таа траекторија. Но, истовремено опозицијата е свесна дека во услови кога целата македонска јавност и меѓународна заедница гледа како премиерот бара мито од повеќе 100-тици илјади евра, кога гледа дека Македонија е цврсто закована на дното по сите економски параметри во Европа, кога гледа дека нема реформи по ниту еден основ и во ниту една област во Република Македонија веќе повеќе од 13 месеци, тогаш на опозицијата ѝ е јасно дека и покрај ова капитулантско дело евро-атлантска иднина за Република Македонија нема. Најмалку што треба сите оние министри што се занимаваат со евро-атлантските интегративни процеси на Република Македонија поради ова фијаско што го направија на дипломатски план од морален чин да поднесат оставка веднаш, рече Мицкоски.