Мицкоски: Да не навлегуваме во правните дилеми, да навлеземе во решавање на проблемите на граѓаните, апелираме на вонредна состојба веднаш, состојбата е алармантна

523

Загрижен сум за алармантноста на состојбата со ширењето на заразната пандемија, особено што отсуствува брза и одлучна реакција на надлежните институции во делот на примена на помасовни мерки кои ќе придонесат за намалување на последиците, истакна на денешната прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата на Мицкоски

Неопходно е итно дејство на Владата и носење на одлуки кои подразбираат и посериозни фискални импликации и поголема мобилност на институциите во справување со состојбата на терен. Токму затоа пред 6 дена побарав прогласување на кризна состојба.

Од вчера пак се наметна нова дилема и таа дилема е присутна во јавноста за прогласување на кризна или вонредна состојба.

Јас побарав воспоставување на кризна состојба затоа што тоа е степен повисоко во сериозноста на пристапот, квалитетот и мобилноста на справување со последиците од Корона вирусот. За разлика од воведувањето на Вонредна состојба во која целата власт се сосредоточува во рацете на еден човек, што ќе се согласите и не е така демократски. Но, ова и во овој случај е секундарно, затоа што е примарно здравјето на граѓаните и итното делување.

Ова ќе отвори можност за носење на акти со законска сила кои би можеле да се злоупотребат и е состојба за која иако е уставна материја не е прецизно дефинирана со закон. Се што не е прецизно дефинирано може и да биде злоупотребено. А воедно вчера со директно признание на претседателот Пендаровски дознавме една поразителна информација, дека постои дилема за воведување на кризна состојба бидејќи има недостаток на државни ресурси квалитетно и ефикасно да се покрие државата, што е огромен скандал особено ако кризата се продлабочи, за што упатуваат сите сериозни фактори, но во овие моменти од посочување на показалецот фајде нема, и ова е посебна тема за која ќе зборуваме и ќе се навратиме откако ќе заврши цела оваа состојба со пандемијата од корона вирус.

Во овој момент постои и дилема кај правните експерти за што е поделотворно да се примени. Она што денес сакам да го соопштам е фактот дека иако јас и понатаму сметам дека многу брзо ќе дојдеме во фаза да прогласиме кризна состојба на поедини делови од територијата на Македонија, сепак сметам дека владата доцни со мерките, а кризата ќе се зголемува.

Поради итноста и алармантноста на состојбите на терен, но и неопходноста да се помогне на граѓаните апелирам денес до претседателот Пендаровски да прогласи според Уставот вонредна состојба во Македонија час поскоро. Да не се губи драгоцено време, а поважно од тоа дали е вонредна или кризна состојба е тоа мерките и помошта да стигне до граѓаните. Да не навлегуваме во правните дилеми, туку да навлеземе во решавање на проблемите на граѓаните. Повторувам, да не навлегуваме во правните дилеми, туку да навлеземе во решавање на проблемите на граѓаните и заштита на нивното здравје и веднаш претседателот Пендаровски да прогласи вонредна состојба. Да не се фокусира владата само на ПР, туку на работа на терен и итно делување.

Престои сериозна здравствена, санитарна и економска криза.

Мора Владата да обезбеди бесплатни маски за граѓаните. Мора да ги казни компаниите кои пробуваат енормно да спечалат преку продажба на медицински препарати и средства. Да заштити од бран на покачувања на цените на основните производи. Мора да се погрижи за соодветни услови за одвивање на здравствената нега, но и воедно добивам загрижувачки податоци дека има ограничени количини на крв од само неколку дена што мора да се надмине што поскоро. Владата мора да ги награди и медицинскиот персонал, докторите, и сите останати служби што се на првата линија на борба со пандемијата. Тие мора да добијат почит за нивната храброст и посветеност.

Исто така економијата бара мерки со кои веќе сериозно се доцни.

Ќе се осврнам на оваа тема подетално.

Средствата за придонеси и плати во директно погодените дејности што треба да се исплатат за еден месец изнесуваат околу 80-тина милиони евра. А тие компании во моментот, во месец март имаат заработка од НУЛА денари. Истите овие фирми треба да платат 15тина милиони евра ДДВ, а во месец март ќе повторам имаат приход од нула денари. Почнаа првите отпуштања на вработени и клуч на врата за компаниите. Да напоменам 70-тина проценти од овие компании се мали претпријатија од еден до десет вработени. Во клучните два месеци очекуваме негативното влијание во економијата да изнесува цели 220 милиони евра. Или месечно се губат по 110 милиони евра само по овој основ.

И ова е најважното, денес владата излезе со пакет на мерки од некоја си кредитна линија во вредност од 5 милиони евра за компаниите, а тие губат по 110 милиони евра месечно. Помошта од кредитната линија од 5 милиони евра на владата во услови кога се губат 110 милиони евра, каде што нема за плати и придонеси, се затвораат фирми, не само што не е доволна, туку и смешна и навредлива.

Ако не помогне државата и влада нема од каде. Секој ден без помош значи банкрот за многу компании. Црвениот аларм е вклучен. Од информациите кои што стигаат до нас една компанија која што беше корисна на средства од Агенцијата за финансиска помош и поддршка а беше поврзувана со името на еден поранешен функционер во владата на Зоран Заев од петокот е затворена и 150 вработени од таа компанија се на улица.
Веднаш по прогласување на вонредна состојба да се донесат владини одлуки со законско дејство.
Потребно е замрзнување на обврските на компаниите кон државата, чија што работа е погодена со настанатата ситуација со корона вирусот.

Замрзнување на обврските на компаниите кон банките и заемодаваталите за месец март, чија што работа е погодена со состојбата на корона вирусот. Така и на банките ќе им се помогне.

Државата да ги ослободи компаниите од трошоците за придонеси за вработените во компаниите погодени од состојбата со корона вирусот. Тоа се секторите кои што се најмногу погодени, како што се туризмот, угостителството, текстилната, кожарска и сите оние останати сектори.

И порака до Владата, освен за пи-арот грижете се за граѓаните. Немојте да се натпреварувате кој повеќе прес конференции ќе одржи, туку натпреварувајте се кој повеќе протоколи ќе усвои и како да се справиме со пандемијата. Да делуваме одговорно, да работиме за граѓаните и да работиме на здравјето на граѓаните и економијата.