“Мамо, дали ќе умрам?”: 5-годишно момче заболело од коронавирус, а неговата мајка раскажала како се одвивала борбата

577

30-годишната мајка Лорен Фулбрук од Ворчестершајр вели дека нејзиниот “совршено здрав” 5-годишен син заболел од коронавирус. Таа раскажала што сè ѝ претходело на дијагнозата и како се одвивала борбата, но и апелира до сите да останат дома.

Лорен открила дека симптомите на Ковид-19 кај нејзиниот син Алфи биле температура над 42 степени и повраќање, пишува “Metro”.

Мајката од Велика Британија ја споделила приказната на Фејсбук каде сакала да го сврти вниманието на сите родители, но и на сите оние кои ги кршат мерките за превенција. Една од сцените кои ги опишала во објавата била онаа во која Алфи лежел во болничкиот кревет и ја прашал: “Мамо, дали ќе умрам?”.

“Коронавирусот не е шега. Престанете да ги буткате работите под тепих и да го загрозувате не само својот туку и животите на другите бидејќи сакате да одите во паб, ресторан или ви требаат 7 пакувања од 24 ролни тоалетна хартија. Како некој од дом позитивен на Ковид-19, ги видов неговите ефекти”, напишала Лорен и продолжила:

“Морав да гледам како мојот 5-годишен син ја губи целата енергија и не може да се поместува, јаде, пие и уринира. Неговата температура не беше под 40 степени, а највисоката беше 42,3, поради што и повраќаше. Гледав како халуцинира и плаче од главоболка”.

Сè започнало на 16 март

Лорен истакнала дека еден од најтешките моменти бил денот кога се појавиле првите симптоми – на 16 март.

“Нивото на шеќер му беше само 3,7, бројот на вдишувања од 18 до 29, бројот на отчукувања на срцето 180, се потеше, се тресеше, губеше здив, беше чувствителен на светлина”.

Мајката напоменала дека приказната не ја споделила поради сочувство или поради публицитет. Да го сакала тоа, би споделила сè со јавноста уште првиот ден кога започнале симптомите.

“Последиците од Ковид-19 на здравјето на децата се воглавно благи, но многу од тоа останува непознато”, напоменала Британката.

Како пример ја открила минатонеделната состојба на нејзиниот син Алфи која се влошила по часот по пливање. Тој започнал да кашла, температурата прво му опаднала, па пораснала на 38,4 степени.

А потоа станувало сè полошо – температурата пораснала на 42,3 степени, а Алфи не сакал да јаде и се жалел дека не може да оди. Лорен ја повикала Итната помош, но ѝ било кажано дека не можат да ги примат бидејќи болницата е преполна.

Со помош на медицинските совети кои тие ѝ ги дале, температурата на Алфи опаднала.

“Таа вечер повраќаше, халуцинираше, плачеше, се држеше за глава и имаше болки во очите, по што пристигна Итната помош и го одведе во болница”.

Лорен останала со синот во болница од вторникот до петокот, кога биле пуштени дома со напомена да се придржуваат до правилата на изолација.

Алфи се чувствува подобро

“Сè уште закрепнува, но денеска за првпат побара храна и малку си играше. Кашла и сè уште има блага температура, но се чувствува подобро”, напишала мајката и додала дека е болна и нејзината 18-месечна ќерка, но нејзината состојба е далеку полесна од состојбата на Алфи.