Македонски државјани заглавени во Истанбул одбиле да се вратат поради задолжителниот карантин

154

Македонски државјани заглавени во Истанбул одбиле да се качат на организиран лет на македонското Министерство за надворешни работи во договор со Црна Гора, откако им било кажано дека ќе бидат во задолжителен групен карантин.

За ова информираше министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој посочи дека бројката на лица кои ќе ги користат хуманитарните летови може да опаѓа, ако ова е индиција како би реагирале останатите граѓани кога ќе им биде кажано дека ќе бидат во задолжителен карантин.

„Вчера во договор со пријателска Црна Гора имавме обид да донесеме една група наши граѓани кои беа во Истанбул и да ги качиме на хуманитарниот лет организиран од Владата на Црна Гора. Штом ги информиравме граѓаните дека ќе бидат во задолжителен карантин, ниту еден не сакаше да ја искористи оваа можност. Така што, ова ако е индиција или илустрација, можно е оваа бројка и да опаѓа. Затоа велам дека бројките ќе варираат“, рече Димитров.

Тој посочи дека се организира и конвој од Црна Гора, со околу 70 граѓани заглавени таму.

„Во следниве денови ќе организираме и хуманитарен конвој од Црна Гора кон нашата држава, таму имаме околу 70 граѓани, а овие луѓе ќе бидат во задолжителен карантин. Бидејќи тие немаат избор, државата ги упатува во ваков карантин, трошоците ќе бидат на товар на државата“, додаде Димитров.