Македонија не се откажува од екстрадиција на Груевски, бара поништување на азилот

314

Македонија ќе бара од Унгарија да се повлече одлуката за азил на Никола Груевски и не се откажува од барањето за екстрадиција, рече вчера министерката за правда Рената Дескоска. Нејзиниот унгарски колега Ласло Трочани, пак, изјави дека унгарската Влада ја исклучува можноста за екстрадиција, додека владиниот портпарол Миле Бошњаковски истакна дека Груевски ќе се врати во Република Македонија и тука ќе ја отслужи казната. Како целосно лажни ги оцени наводите во барањето азил и изрази очекување дека унгарските власти ќе ја отповикаат одлуката за азил и дека Груевски ќе биде екстрадиран.

– Владата размислува и ќе донесе одлука да испрати барање за повлекување на одлуката за азил на Никола Груевски, од причини што доколку одлуката е заснована врз определени факти кои не се такви какви што се, државата има право да ја отповика или да ја поништи одлуката, рече вчера Дескоска.

Истакна дека унгарските закони се доста рестриктивни и дури даваат и можности за отповикување на дадена одлука за азил, така што Владата размислува и ќе донесе одлука да испрати барање за повлекување на одлуката за азил.

– Исто така, гледајќи го унгарскиот закон, оние кои добиваат азил, доколку во исто време не добијат државјанство, или трајно жителство, нивната одлука за азил се преиспитува, по службена должност на секои три години. Значи, доколку Груевски не добие државјанство, тогаш неговата одлука дури и во овој случај не биде преиспитана по барање на Владата, би требало според унгарските закони да биде преиспитувана на секои три години, појасни Дескоска.