Македонија ја победи Швајцарија и го заокружи циклусот за ЕП!

536

Ракометната репрезентација на Македонија ја оствари целта, оствари велигеднска победа над Швајцарија (29-28) и успешно ги заврши квалификациите за Европското првенство (ЕП) кое ќе се игра на почетокот на 2022 година.

Нашиот национален тим играше без притисок, додека Швајцарците мораа да одат најмалку на реми за да патуваат на континенталниот собир, но не успеаја за еден гол да го направат тоа. Иако без Дејан Манасков и со повреден Мартин Велковски, ракометарите одлично ги спроведоа советите на селекторот Кирил Лазаров и запишаа триумф за крај на циклусот, кој го завршуваат на второто место веднаш зад Данска, но со ист скор – пет победи и еден пораз.

Натпреварот во Скопје почна со доста добра одбрана, пред се на голманите Митревски и Портнер. Двајцата беа одлични меѓу стативите, па затоа мал беше бројот на голови. Македонија го даде првиот гол по пет минути (1-2) преку Пешевски, па следеше два гола во низа на „црвено-жолтите“ преку Талевски и Мишевски за предност (3-2). Портнер беше доста расположен меѓу стативите на Швајцарија, фати три зицери, па токму тоа го држеше ривалот во егал. Во 15. минута беше 5-5, потоа и 7-7, па 12-12, а изедначено остана и до полувремето кога на семафорот во СЦ „Јане Сандански“ стоеше 16-16.

Играта гол за гол продолжи и во второто полувреме, а Швајцарија ниту еднаш не успеа да поведе повеќе од еден гол. Македонија повторно ја презеде играта, кога за првпат по долго време поведе со 19-18 со гол на Кузмановски, а потоа, откако Лазаров реализира за 20-19, следеше техничка грешка на Маџовски по одбрана на Митревски и нашиот национален тим не успеа да поведе за првпат со два гола.

Неизвесната игра продолжи и понатаму, беше 22-22, Швјацарија ја држеа во игра Шмид и Портнер, додека кај Македонија, главна улога играа голманот Митревски и нашиот најдобар ракометар Кирил Лазаров. На десет минути пред крајот беше 23-23, а откако Лазаров даде нов гол, Митревски изведе две одбрани во низа, а Кузмановски реализира за 25-23, за два гола предност првпат на натпреварот. Евидентна беше нервозата кај Швајцарија, се направи техничка грешка, а во нападот на Македонија, Георгиевски со третиот гол донесе 26-23. На две минути пред крајот, Швајцарија дојде на минус еден (28-27), истиот резултат беше и во последната минута, ама немаше време за кам-бек на противникот.

Најдобри кај стрелците беа Лазаров и Кузмановски со по шест гола, Георгиевски додаде четири, а Талески три гола, додека голманот Никола Митревски заврши со 17 интервенции. Кај Швајцарците, Рубин даде девет гола, пред Шмид со осум.

Ждрепката ЕП 2022 ќе биде в четврток, со почеток од 18:00 часот.