Колку пари требаат за пристоен живот во Македонија?

129

Просечната плата треба да изнесува најмалку 500 евра за да може граѓаните да имаат солиден живот и доволно пари за да ги покријат основните трошоци, согласни се експертите и оние што ги анкетиравме.

Според последните податоци на Сојузот на синдикати, на едно четиричлено семејство за преживување месечно му се потребни 32.263 денари или околу 520 евра. Најголем дел од парите одат на храна и пијалоци и за одржување на домот, односно речиси 24 илјади денари. Во сумата влегуваат и трошоците за хигиена, потоа превоз, облека и обувки, култура и одржување на здравјето. Просечната плата во земјава изнесува 22 294 денари, но поголемиот дел од вработените и немаат толкави примања. Граѓаните велат дека платата или пензијата им стигнува за сметки и за храна, но за останатите трошоци немаат пари.

„Зависи кој каде работи и тоа е многу важно. Какви се примањата на двајцата членови во семејството и децата колкави се и колку трошоци имаат. Секогаш има дополнителни трошоци во месец за децата за нивното школување или студии. Значи тоа не е доволно и срамота е просекот кој го имаме во Македонија за месечните примања“.

„Никаков е стандардот, што да кажам. Со осум илјади, дома тројца живееме. Дали струја, вода, телефони да плаќаме, а за јадење не останува ништо“.

„Немам толку ниски примања, да речам дека се средни и заедно со жената излегуваме на крај, но само за основните потреби, а другите давачки не ги ни пресметуваме. Се што е повеќе од тоа е дополнителен трошок“.

Бројките само ја покажуваат реалноста, а тоа е дека Македонија е една од најсиромашните земји во Европа.

Потрошувачката кошница е за семејство кое живее во стан од 50 метри квадратни и не поседува автомобил. Во пресметките не влегуваат и трошоци за летен и зимски одмор, ниту излегување во некое кафуле или ресторан.