Која е Охриѓанката која беше дел од тимот на претседателот Џо Бајден?!

825

22-годишната Сенај Мерсим, млада девојка со потекло од Охрид беше дел од поширокиот изборен тим на новиот претседател на САД Џо Бајден.

– Сенај работеше и беше дел од кампањата на Бајден од февруари во Connecticut и во New Hampshire, вели за Супер радио и OhridPress нејзиниот татко Менсур Мерсим, кој со семејството се преселил во САД во 2001 година, кога Сенај имала само 2 години.

Таа на 31-ви јануари ќе го прослави 22-риот родеден и во моментов студира политички науки на универзитетот Connecticut Quinnipiac.

– Таа работеше за кампањата и беше предложена од универзитетот, каде е меѓу најдобрите студенти. Претежно беше задолжена за контакти со гласачите и презентација на неговата програма. Поради безбедносни причини не присуствувавме на инаугурацијата, додава Мерсим.

Новиот претседател на САД Џо Бајден положи заклетва како 46-ти претседател во историјата на САД и порача дека „демократијата преовладала“. Тој ја презема фунцијата во време на остри поделби во државата и големи предизвици.

– Волјата на народот е слушната, и волјата на народот е испочитувана. Повторно научивме дека демократијата е скапоцена и демократијата е фрагилна. Во овој час, мои пријатели, демократијата преовлада, порача Бајден во обраќањето по заклетвата.

Инаугурацијата на Бајден дојде во време на кризи и несигурност, на студен ден во Вашингтон прошаран со снег и обиколен со досега невидени безбедносни мерки по упадот во Конгресот пред две недели, и без публика поради пандемијата на коронавирусот.

На чинот недостасуваше досегашниот претседател Доналд Трамп, кој замина од Вашингтон во пресрет на инаугурацијата, но таму беа тројца поранешни претседатели: Бил Клинтон, Џорџ Буш и Барак Обама.

Бајден стигна до Белата куќа во третиот обид, заложувајќи на својата кандидатура не на основа на исклучителна политичка идеологија, туку преку градење на широка коалиција на гласачи обединети под мотото дека Трамп претставува егзистенцијална закана за американската демократија.