Астронаутот проговори за страшното искуство со руската ракета: “Моторот откажа две минути после полетувањето”

890

Американскиот астронаут и рускиот космонаут кои минатата недела успеале да слетаат на Земјата, откако руската ракета им се расипа, се во добра состојба, а еден од нив сега проговори за тоа страшно искуство.

Ракетата требаше да ги пренесе американскиот астронаут и рускиот космонаут до Меѓународната свемирска станица, каде требало да останат 6 месеци, но според првичните информации, моторите на ракетите откажале околу две минути по полетувањето.

Астронаутот Ник Хаг и космонаутот Алексеј Овчињин морале да го активираат системот за спасување за да ја одвојат капсулата од ракетата, околу две минути после послетувањето и се вратиле на Земјата. Нивниот пад бил успорен од падобраните и тие се живи и здрави.

И додека Овчињин веќе имал претходни искуства, на Ник ова му било прв пат.

“Сето ова ми беше ново, мене ми беше прв пат. Овчињин можеше да ми кажe што е нормално, а што не”.

Хаг искуството го спореди со топка фрлена во воздух.

“Се обидував да гледам низ прозорецот да видам каде ќе завршиме. Ќе завршиме ли во вода? Ќе бидеме ли во степите на Казахстан?”, се прашувал тој.

За време на слетувањето на Земјата, астронаутите искусиле екстремна гравитација, поради која имале отежнато дишење. Вкупно, слетувањето траело 34 минути, а Хаг го опиша како прилично брз момент.

“Првиот момент кога можев длабоко да воздивнам од целиот настан беше кога капсулата конечно застана. Мојот прозорец беше на околу 30 сантиметри од почвата и можев да гледам, да воздивнам и сфатив колку сме среќни”.

“Можеби среќни не е вистинскиот збор. Бидејќи, како што споменав претходно, стотина илјади луѓе работеа на подготовката на сите системи и тие системи нè спасија минатиот четврток”.