Кога спортисти сакаат да се занимаваат со бизнис: Заминувањето на Рамос нема никаква врска со фудбалот!

804

Шпанскиот Ел Конфиденсиал тврди дека капитенот Серхио Рамос сака да си замине од Реал Мадрид од причини кои не се поврзани со фудбалот.

Според овој извор, ветеранот сака да заработи пред крајот на кариерата за да ги покрие сите свои финансиски неуспеси и промашувања. Наводно, тој земал голем кредит за земјиште во близина на Мадрид и сега должи 35 милиони евра бидејќи сите планови му пропаднале. Рамос и неговиот татко Хозе Марија се сопственици на 51% од капиталот во една градежна фирма и планот бил на тоа место да се изградат станови, но градот Мадрид ја запрел постапката и не издал дозвола.

Банката која го издала кредитот нема слух за тоа, па првата рата за наплата на кредитот стигнала оваа пролет. Рамос немал доволно пари бидејќи годишната плата му изнесува 12 милиони евра по сезона.

Во Кина му нудат двојно повеќе, односно 25 милиони евра годишно што би било доволно да ги покрие своите долгови. Сепак, Флорентино Перес не сака да се откаже од него без пари и бара соодветна отштета за 33-годишниот стопер.