Клоп проговори за Кутињо и откри дека сакал да го врати во Ливерпул, но имал еден проблем

677

Бразилскиот фудбалер Филипе Кутињо вчера официјално беше претставен како нов фудбалер на Баерн Минхен.

Кутињо во Баерн пристигна на едногодишна позајмица од Барселона, а Баварците следното лето ќе имаат шанса да го откупат за 120 милиони евра.

Бразилецот ја напушти Барса откако не ги исполни очекувањата бидејќи беше под огромен притисок. Кутињо во Барселона пристигна на почетокот од 2018. година од Ливерпул за 160 милиони евра со што стана најскапиот играч во историјата на клубот.

Но, од доаѓањето на „Камп Ноу“ не го покажа она што од него се очекуваше, па Барса одлучи да го пушти во Баерн. За овој трансфер зборуваше и Јирген Клоп кој на некој начин призна дека сакал да го врати Кутињо на „Енфилд“.

„Звучи малку чудно, но не можевме да си го дозволиме. Веќе ги потрошивме парите кои ги добивме за него кога отиде во Барселона и не можевме да го вратиме. Тој е одличен човек и играч. Може да направи промена со еден потег и тоа го докажал милион пати. Ако е во вистинското опкружување тогаш никој не може да го запре“, изјави Клоп.