Ќе се вакцинираат 10-15 илјади граѓани на ден: Утре почнува масовната имунизација со кинеската акцина

74

Притисокот врз болниците се намалува, откако според вчерашниот билтен се регистрирани 105 нови случаи на заболени од Ковид-19. Денеска треба да заврши дистрибуцијата на 200 илјади вакцини на „Синофарм“ што во земјава пристигнаа во саботата и веќе од утре започнува масовна имунизација на населението и тоа од 10 до 15 илјади граѓани на ден, со што здравствените власти очекуваат до почетокот на летото да имаме висок процент на вакцинирано население и целосно менување на епидемиолошката состојба.

По воведените рестриктивни мерки, бројот на нови случаи на Ковид-19 се намалува. Во изминатите четири дена бројот на активни случаи е намален од 15.013 на 14.276 случаи.

Во истиот период, регистрирани се вкупно 1.117 новозаболени, а 1.843 оздравени. Вчера се регистрирани 105 новозаболени и 403 оздравени пациенти, откако на 1 мај имаше 214 новозаболени и 205 оздравени, на 30 април 365 новозаболени и 594 оздравени и на 29 април 433 новозаболени и 641 оздравени.

Вкупно 200.000 кинески вакцини, најдоцна до утре треба да бидат дистрибуирани во салата „Борис Трајковски“ и во Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола, по што од вторник со нив ќе почне масовната вакцинација на населението. Здравствени власти најавуваат вакцинирање на бројка од меѓу 10 и 15 илјади граѓани на ден.

Со почетокот на масовната имунизација, здравствените власти очекуваат до почетокот на летото да имаме висок процент на вакцинирано население и целосно менување на епидемиолошката состојба.

По пристигнувањето на 200 илјади вакцини од „Синофарм“, министерот за здравство Венко Филипче, во петокот најави дека се очекува да пристигнат и други големи количества на вакцини и тоа уште 600.000 од Кина и 26.000 од „Фајзер“.

Засега е неизвесно пристигнувањето на вакцините на „Астра Зенека“, имајќи ги предвид случувањата со вирусот во Индија која воведе забрана за извоз на вакцини, а дел од овие дози преку КОВАКС системот треба да пристигнат и од индискиот Институт.

На инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава се лекуваат вкупно 1 102 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Од нив, на инфективните одделенија во земјава се лекуваат 637 пациенти, додека во ковид центрите во Скопје 465 лица.

Од Министерството, нагласуваат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород, како и дека имаат увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 152.685, на оздравени пациенти е 133.473, на починати е 4.936, а бројот на активни случаи изнесува 14.276.