ЌЕ ИМА ЛИ ОДГОВОРНОСТ ЗА „ИСЧЕЗНУВАЊЕТО“ НА МИЈАЛКОВ – од МВР се уште молк

88

Ќе понесе ли некој одговорност, и кој за „исчезнувањето“ на Сашо Мијалков.

Во МВР владее молк, откако и по повеќе од половина ден екс шефот на тајната полиција е недостапен за органите на прогонот.

Се уште нема официјален одговор од МВР дали е пронајден Сашо Мијалков, откако вчера по него беше распишана и централна потерница.

На социјалните мрежи се појавија шпекулации дека наводно министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски си депонирал оставка и дека таа денеска треба да се разгледува од Владата.

Фактор ова прашање го постави и до МВР и преку СМС порака до министерот Оливер Спасовски, но оттаму се уште нема одговор.

Штом добиеме одговор, ќе го објавиме во целост.

Инаку, од синоќа, пред зградата каде што живееше поранешниот прв човек на УБК, Мијалков, во скопската населба Капиштец, стоеја две полициски возила.

Како што е познато, сега тој живее на Водно, каде што исто така имаше полициско присуство. Полицијата беше стационирана кај хотелот Панорама, односно пред слепата уличка која води кон живеалиштето на Мијалков.

Оваа потера по Мијалков следува откако нему требаше да му биде доставено решение за куќен притвор, кое што на барање на Обвинителството, било издадено од Кривичниот суд.

Дел од медиумите јавија дека хотелот Мериот тој го пријавил како адреса за извршување на мерката куќен притвор.

Како што веќе пишуваше Фактор, голем број шпекулации се на линија дека екс шефот на тајната полиција се дал во бегство, но тоа засега нема ниту потврда ниту демант од надлежните институции.

МВР нема ништо на оваа тема ниту на нивната веб страница, каде последна новост е онаа за посетата на Спасовски на децата и семејствата на бранителите.

Социјалните мрежи вријат од незадоволни граѓани, кои се во шок дека би можела да се повтори епизодата со Никола Груевски, кој избега во Унгарија, каде што доби азил од тамошните власти.

Вчера попладнето Мијалков бил виден во локалот „Дистрикт“, кој е во рамки на хотелот Мериот, каде што седел со Ивица Коневски, член на Иницијативниот одбор кој бара недоверба од Христијан Мицкоски на вонреден конгрес.

Од МВР нема официјална информација. Неофицијалната, синоќа, во доцните часови, беше дека судот на Мијалков му одредил мерка куќен притвор, по што тој е недостапен, а тие преземаат мерки и активности за негово пронаоѓање.

„Преземаме мерки и активности за негово пронаоѓање“, изјавија за Фактор неофоцијални извори од МВР.

Инаку, пресудата за случајот Таргет Тврдина е закажана за 26 февруари, односно веќе за во петок оваа недела.

Како што е познато, при изрекувањето на завршните зборови за случајот Таргет-Тврдина обвинителката Ленче Ристовска рече дека главното прашање не е како се прислушувало, туку кој стои зад овој голем скандал. Според неа, Мијалков, од својата канцеларија директно можел да слуша разговори кои биле нелегално прислушувани. Постоеле кориснички имиња со кои можеле директно од канцелариите да слушаат разговори. Г.Г. било корисничко име за Горан Грујевски, Н.Н. за обвинетата началничка Надица Николиќ, а имало и корисничко име „директор“, а тогашен директор на управата бил Сашо Мијалков.

Како што е познато, ова масовно незаконско прислушување се вршело од 2008 до 2015 година, а беше откриено со бомбите кои ги објави СДСМ на Зоран Заев, тогаш во опозиција. Во овој најголем скандал во земјава биле прислушувани политичари, членови на нивните семејства, новинари, адвокати, обвинители… Обвинителниот акт говори дека преку три системи за следење на комуникациите во УБК, биле незаконски следени 4.286 телефонски броеви, а прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Мијалков, кој сведочеше минатиот месец, тврдеше дека не е вмешан во аферата со прислушувањето и уништувањето на опремата за следење на комуникациите. Според него, во земјата имало и други системи за прислушување, освен тие на УБК.

На својот фејсбук профил, кој го отвори неодамна, Мијалков сеуште нема никаква објава. Последна е онаа од 24 септември каде се збогува со Амди Бајрам.

Мијалков е роден  во Скопје на 15 септември 1965 година. Дипломирал на Универзитетот Свети Кирил и Методиј на Економскиот факултет во 1998 година. Магистрирал во областа бизнис администрација. Дипломирал и магистрирал и на Економскиот факултет во Прага во 1994 година.

Во 1990 година станал член на ВМРО-ДПМНЕ. Во периодот од 1998 до 2000 година, работел во Министерството за одбрана на местото помошник-министер за одбрана и безбедносно разузнување. Во периодот 2000 до 2001 година, бил советник за безбедносни прашања во Владата на Република Македонија. Од 29 август 2006 година е назначен за директор на Управата за безбедност и контраразузнавање на таа функција бил до 12 мај 2015 кога си поднел оставка.

Сашо Мијалков е син на Јордан Мијалков, првиот министер за внатрешни работи на Македонија.