Што се случува со авионите на Боинг?

59

По сличен таков случај во САД, еден ден претходно, метални делови од авион на компанијата Боинг паднаа од небото и во Холандија. И во двата случаја е избегната поголема несреќа и погодените авиони безбедно слетаа.

Холандските власти спроведуваат истрага откако металните делови почнаа да паѓаат од товарниот авион Боинг 747, кратко по полетувањето од аеродромот Мастрихт-Ахен.

Еден од моторите, наводно, се запалил. Според изјавата на претставници на аеродромската служба, авионот започнал да „губи“ делови додека летал над населбата близу аеродромот.

Медиумите наведуваат дека две лица биле полесно повредени, од кои едното имало потреба од хоспитализација. Деловите што паднаа од авионот, оштетија неколку возила и домови.

Авионот, кој патувал кон Њујорк, бил пренасочен кон Лиеж во Белгија, каде безбедно слетал.

Сличен инцидент се случи и во САД, еден ден претходно, откако се запали моторот на  авион од типот Боинг 777 на компанијата „Јунајтед ерлајнс“, а делови од авионот паѓаа во предградијата на Денвер. Авионот, кој летал од Денвер кон Хаваи, успешно се вратил на аеродромот во Денвер, а во инцидентот немало повредени.