Диџејот Карл Кокс во разговор за BBC зборувал за својот колега Тим Берглинг, во јавноста познат како Авичи, кој во април оваа година изврши самоубиство.
“Тој само сакаше да биде слободен и да прави музика. Беше под огромен притисок и не можеше да го поднесе тоа. Тажно е бидејќи имаше што да понуди”, изјавил Кокс.
Информацијата за неговата смрт потресе бројни познати личности кои му оддале почит.
“Забележав дека не можеше да се контролира. Често се дружевме зад сцената, а тој во глобала беше сам и фокусиран само на работата”, додал Карл нагласувајќи дека Авичи бил преоптоварен.
“Тоа за него беше премногу. Благослов е да патуваш и настапуваш ширум светот, но ние имаме премалку време за вистински живот”.
Карл Кокс додал дека Авичи бил очигледно тажен и дека тоа го признал и преку текстот на својата песна “Wake Me Up” која го освои светот и која на Јутјуб има речиси 1,6 милијарди прегледи.
“Сега кога ќе го чуете стихот “Разбудете ме кога се ќе заврши, кога ќе бидам постар и помудар”, знаете дека тоа е всушност неговиот повик за помош”, заклучил диџејот.