Актуелниот европски првак Вардар се поднови меѓу стативите и потпиша со францускиот голман Робин Кантегрел. 25-годишниот чувар на мрежата е уште едно од откријата на Дејан Периќ кое се очекува да блесне меѓу стативите и да донесе успех во новата сезона.
Gol.mk имаше шанса да разговара со новото засилување на Вардар околу очекувањата и амбициите на Французинот. Кантрегел вели дека не размислувал многу кога ја добил понудата од Вардар и дека веднаш го информирал неговиот клуб Сесон-Рен дека има шанса да го засили европскиот првак.
„Мојата менаџерска агенција влезе во контакт со Вардар и мојот профил како голман одговараше на клубот. Во моментот кога дознав дека имам понуда од клуб каков што е Вардар, не размислував многу. Веднаш го информирав мојот клуб Сесон-Рен дека сакам да одам во нова средина, најдовме заеднички јазик и сега сум нов играч на Вардар“, го започна Кантегтел разговорот.
За двократниот европски првак, францускиот чувар на мрежата има само пофални зборови. Исто така едвај чека да заигра пред македонската публика која важи за една од најдобрите во Европа кога се работи за ракометот.
„Знам дека Вардар е еден од најголемите и вистинска „институција“ во Европа. Имаат учество на три Ф4-турнири, две европски титули, тоа говори само по себе. Знам дека тимот има и одлични настапи во СЕХА-лигата, едноставно, зад себе има блескаво минато. Тука се и навивачите, едвај чекам да ја искусам таа френтична атмосфера во салата“, додава Кантегрел.
Францускиот чувар на мрежата кој се најде на последниот репрезентативен список вели дека ќе биде предизвик да се биде дел од најтрофејниот македонски клуб. Конечно, желбата да игра во Лигата на шампионите му се остварила, затоа што дошол до она што го ветил.
„Свесен сум дека доаѓам во еден од најпознатите клубови во Европа, што ми носи и поголема одговорност, но подготвен сум за предвикот. Играв во Лидл Старлигата во Франција, против тимови како ПСЖ, Монпелје, Нант… што играле во Лигата на шампионите, но ова со Вардар го гледам како голем чекор напред во кариерата. Кога заминав од Нант на 22 години му кажав на мојот татко дека цел ми е да играм во Лигата на шампионите до 25 години, па еве сме, дојдов до таа шанса. Сега пред мене е уште многу работа за напредувам уште повеќе“, дециден е тој.

Очекувањата на Кантегрел пред настапите во Македонија се да има што е можно подобри настапи во Европа, домашни трофеи и секако – да ги радува навивачите.
„Очекувам да имам добри партии со Вардар, да склопиме добра енергија со соиграчите и да нижеме што е можно победи. Едвај чекам да почнам да работам со Дејан Периќ, човек кој беше фантастичен како играч, а сега и како тренер. Јас имам 25 години, пред мене е да се развивам и верувам дека работата со човек како него ќе ми биде од голема помош. Сакам да ги радувам и навивачите, веќе добив пораки за добредојде и јавно сакам да се заблагодарам за таа енергија што ја добивам од сите што го сакаат Вардар“, дециден е Кантегрел.
За македонскиот ракомет новото засилување на Вардар не знае премногу, но вели дека се информирал за него, а исто така открива дека разговарал и со Кирил Лазаров, капитенот на македонската ракометна репрезентација кој е дел од Нант.
„Знам за македонскиот ракомет благодарение на националниот тим кој секогаш е учесник на големите натпреварувања, а исто така имав мала дискусија и со Кирил Лазаров со кого имав кратки средби во Франција. Тој е лидер на националниот тим. Исто така знам дека екипите на Вардар, Металург и Еурофарм Пелисер се претставници на Македонија на европската сцена“, открива голманот.

Поради пандемијата со коронавирусот, Кантрегел уште не е во Македонија, но се надева дека во најбрз можен рок ќе има шанса да дојде во нашата земја, да се запознае со неа и да почне со тренинзи во новата средина.
„Како и низ цела Европа, клубот чека да се смири ситуацијата со коронавирусот, па затоа се уште не знам кога точно би пристигнал во Македонија. Треба да имаме повеќе информации наскоро. Едвај чекам да дојдам во Вардар, да ја почувствувам клупската атмосфера, да дознаам повеќе за Скопје и за Македонија. Важно ќе биде да се вклопам што е можно побрзо, па да почнам да го учам јазикот и да научам повеќе за земјата“, заврши Французинот.
Робин Кантегрел остави добар впечаток во Франција. Важи за перспективен голман, а во новиот Вардар на Михајло Михајловски, голманската минутажа ќе ја дели со Борко Ристовски и Марко Кизиќ.