ЈАР: Стоп за вакцината на АстраЗенека

438

Голема е загриженоста дека веќе развиените вакцини нема да бидат ефикасни против мутациите на коронавирусот. Дали таа загриженост е оправдана? Од ЈАР доаѓа одлука која е израз на скепса кон вакцината на АстраЗенека.

Владата на Јужноафриканска Република се одлучи против употреба на вакцината на АстраЗенека се’ додека научниците не се договорат околу најдобрата употреба на вакцината, најави министерот за здравство на ЈАР, Звели Мкизе. Претходно, фармацевтската компанија призна дека вакцината нуди само ограничена заштита при инфекција со јужноафриканската варијанта на вирусот која има благ тек.

Новите податоци од истражувањата на универзитетите Оксфорд и Витвотерсранд, кои АстраЗенека има намера да ги објави денеска, а за кои пишуваше „Фајненшл Тајмс“, би требало да покажат дека вакцината кај варијантата B.1.351 е и натаму ефикасна доколку станува збор за тежок тек на болеста, но дека има мало дејство во случаи на лесно заболување. Според извештајот, податоците не се многу цврсти, затоа што голем дел од 2000 лица кои учествувале во истражувањето биле млади и здрави.

Impfkampagne in SüdafrikaВладата на ЈАР се одлучи против употреба на вакцината на АстраЗенека се’ додека научниците не се договорат околу најдобрата употреба на вакцината

„Веруваме дека нашата вакцина штити од тешко заболување, со оглед на тоа што активноста на неутрализирачките антитела е иста како кај другите вакцини против Ковид-19 кои функцонираат против тешко заболување, особено ако временското растојание помеѓу двете дози се оптимира на осум до дванаесет недели“, го цитира весникот портпаролот на АстраЗенека.

Сара Гилберт, која на универзитетот Оксфорд учествуваше во развојот на вакцината, во интервју за Би-Би-Си изјави дека бројот на нови инфекции долгорочно не може да се намали толку колку што се очекувало.

Сепак, ќе се избегнат смртни случаи и значително ќе се намали притисокот врз болниците, гласи оптимистичката прогноза.

Освен тоа, како што се вели, АстраЗенека и Оксфорд веќе работат на прилагодување на вакцината на варијантите на вирусот кои се во оптек. За варијантата B.1.1.7, која е откриена во Велика Британија, производителите веќе објавија ветувачки податоци, според кои вакцината нуди добра заштита. Што се однесува до варијантата која се појави во Јужноафриканската Република – B.1.351 – тестовите покажуваат поголема отпорност на вирусот. Повеќе компании веќе наголемо работат на прилагодување на вакцината на оваа варијанта на коронавирусот.