Директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, денес одржи прес-конференција на тема: „Проекти кои произлегуваат од договoрите со Обединетото Кралство”.
-Покрај соработката во областа на одбраната и безбедноста, продлабочување на трговските и инвестициските врски, соработката во образованието и здравството, сериозен акцент се става и на инвестициите во инфраструктурата, потенцирајќи ги инвестициите во железничката инфраструктура. Факт е дека Железница е најеколошкото, најбрзото и најбезбедното копнено превозно средство, но од друга страна факт е дека изминативе години, па и декади, нашата железница е целосно магинализирана и дека состојбата во која што се наоѓа е критична и далеку од посакуваната состојба, рече Ивановски.
Тој посочи дека пред една година товарниот сообраќај во Македонија скоро и да беше замрен.
-Патничкиот сообраќај десеткувано намален, целосно укинати меѓународни конекции, а добар дел од градовите во Македонија останаа речиси со никакво железничко поврзување. Оваа состојба ќе ја промениме. Почнувајќи веднаш, рече тој.
-Како дел од инфраструктурните инвестиции е опфатена железничката пруга долж коридорот 10, од границата со Србија до границата со Грција. Железничкиот коридор започнува од Австрија, преку Словенија, Хрватска, Србија, Македонија и завршува во Грција, рече тој.
Потенцира дека Македонија има одлична инфраструктурна географска и стратешка позиционираност и тоа треба веднаш да се искористи.
Побара еднаш засекогаш Македонија да се бетонира на мапата на товарниот железнички сообраќај.
-Еден од главните двигатели на економијата во Македонија може да биде токму товарниот железнички сообраќај. Грчките пристаништа бележат континуиран пораст на сообраќајот што нам и тоа како ни оди во полза. За таа цел, од страна на МЖ Инфраструктура, ќе го вклучиме Градежниот факултет во Скопје, ќе изработиме проектна задача за максимално одржливо решение за целосна реконструкција на постоечката траса и кревање на брџината до 160 км/ч на патничкиот и до 120 км/ч за товарниот сообраќај, рече тој.
Паралелно со постојната ќе се изгради и целосно нова пруга со што ќе има два колосека при што максимално ќе се исправат кривините и ќе се намали должината на пругата.
-Рокот за изградба е пет години од почетокот на градбата, а се очекува градбата на почне за околу 9 месеци по потпишувањето на договорот. Изведувачот истовремено ќе ја проектира и ќе ја изведува железничката линија. Прво ќе се гради новата траса која ќе биде паралелна со постојната, а потоа ќе се реконструира веќе постојната железничка линија од Табановце до Гевгелија. Со градежната активност ќе биде опфатена и пругата со која ќе се поврзе железничката станица во Скопје со аеродромот во Петровец, информира Ивановски.
Најави дека есенва ќе почне целосна реконструкција на делот од железничката пруга од Драчево до Илинден, како и делот од Зелениково до Скопје кој ќе биде во состав на градскиот воз, а воедно ќе се реконструира и железничката станица во Скопје.
-Со преземените активности и целосна модернизација и изградба на новата пруга планираме Македонија повторно да ја вратиме на железничката мапа. Македонија има одлична инфраструктурна, географска и стратешка позиционираност, а товарниот железнички сообраќај може да биде еден од главните двигатели на економскиот развој, рече Ивановски.
Потенцира дека во земјава Коридорот 10 се одвива по течението на реката Вардар во должина од околу 230 километри. Моменталната пруга е со еден колосек на кој се одвива и товарниот и патничкиот сообраќај. Пуштена е во употреба во 1873 година и досега претрпела измени, надградби и ремонти.