Италија ја победи Шпанија на пенали и се пласираше во финалето на ЕП

499

Репрезентацијата на Италија по подобро изведување на пенали се пласираше во финалето на Европското првенство, откако ја победи Шпанија со 4-2 (1-1). Пресметката на „Вембли“ понуди шанси, два голови и многу возбудувања, но победник по 120. минути немаше. Пенал-рулетот беше одлучувачки и „азурите“ станаа првиот финалист на турнирот.

  • Извештај од натпреварот: 

 

Првото полувреме започна во корист на „фуријата“, бидејќи Луис Енрике го изненади Манчини со висок пресинг. Шпанија имаше контрола на топката, но двете одбрани беа на нивото на задачата. Првата голема шанса ја имаше Дани Олмо, по лоша реакција на Донарума кој сепак успеа да го одбрани ударот. Во продолжението Италија едвај се консолидираше, ама пред паузата ја имаше најдобрата шанса. Емерсон проби од лево и ја погоди пречката од голот на Унаи Симон.

По паузата и Италија заигра посигурно. По неколкуте неуспешни обиди да се креира посериозна можност на „азурите“, по брза транзиција се закани Серхио Бускетс со удар малку над пречката. Следеше брз одговор на спротивната страна преку Федерико Киеза, кој ја тестира присебноста на Симон.

Резултатот конечно беше отворен по еден час фудбал во Лондон. Италијанците пресекоа акција, Имобиле повлече напред, одигра двојно проигрување со Инсиње ама не успеа да ги мине чуварите. Од втор план се уфрли Федерико Киеза, кој на изненадување на сите од околу 17-18 метри со одличен удар со многу ефе пласираше во спротивниот агол од голот на Унаи Симон за 1-0 во 60. минута.

Следеа многу замени од двајцата селектори. Работите на теренот не се променија многу и покрај измените во екипите, а имаше и неколку шанси набрзина од кои најзрели беа на Дани Олмо и нововлезениот Доменико Берарди. „Фуријата“ тргна поофанзивно, а „азурите“ се решија да ја бранат предноста.

Сепак, тоа им се одби од глава бидејќи Шпанија успеа да стигне до израмнувањето преку Алваро Мората. Напаѓачот проигра со Дани Олмо, одлично му побегна на Кјелини и од зицер позиција го матира Донарума за 1-1 во 80. минута. До финишот на регуларните 90 минути немаше промени на резултатот, па мечот прејде во продолженија.

„Фуријата“ подобро отвори, притискаше и правеше шанси, а Италија гранитно се бранеше. Иако Шпанија беше поконкретна, вистинските можности изостанаа и мрежата на Донарума не беше загрозена. Во второто продолжение „азурите“ заиграа похрабро, имаа неколку шанси и Берарди ја стресе мрежата, но претходно се најде во недозволена позиција. Мечот немаше победник по 120 минути и дојде до удари од 11 метри. Во рулетот, Италија ја однесе победата и се пласираше во големото финале.