Имињата на 14-те трагично починати во модуларната болница во Тетово, нема да бидат објавени

44

Имињата на 14-те пациенти заразени со Ковид-19, кои минатата недела изгореа за неколку минути во тетовската модуларна болница, нема да бидат јавно објавени.

Иако после секоја голема несреќа институциите ги објавуваат имињата на жртвите кои загинале, во овој случај, јавноста нема да ги слушне имињата и презимињата на луѓето кои не успеаа да побегнат од огнот, бидејќи биле пациенти.

„Во случајот со трагичната несреќа во Тетово станува збор за пациенти и нивната приватност и идентитет се заштитени согласно закон. Дополнително случајот е под истрага на Обвинителството. Институтот за судска медицина целокупната документација ја предаде на истражните органи“, велат од Владата за „Фокус“.

Во несреќата што се случи минатата недела, непосредно по прославата на независноста на Македонија, изгореа 14 пациенти кои се лекувале од Ковид-19 во тетовската модуларна болница. Во несреќата почина и уште една пациентка која не изгоре во пожарот, но пред да избувне огнот, неуспешно била реанимирана со дефиблиратор.

Инаку, лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, во гостување на Телевизија 24, го отвори прашањето зошто и по една недела не се објавуваат имињата на жртвите во пожарот.

Села вчера побара одговорност и оставка од Заев, но премиерот засега нема намера да се повлече поради трагедијата. Висат и оставките кои ги понудија министерот за здравство, Венко Филипче и двајцата директори на тетовската болница.