Рики Рубио се враќа дома

415

Барселона добива големо засилување.

Рики Рубио се враќа на кошаркарските терени, во (за него) добро позната средина. Шпанскиот репрезентативец потпишува договор со каталонскиот тим до крајот на сезоната.

Рубио (на социјалната мрежа “X”) самиот објави дека се враќа во клубот а се чека на официјална промоција. Во Барселона настапуваше од 2009 до 2011 година пред да замине во NBA. Во најсилното кошаркарско натпреварување со успех настапуваше се до ланската сезона кога на изнеандување на сите реши да стави крај на кариерата од психички причини. Одличниот плејмејкер го пропушти Светското првенство а пред почетокот на сезоната го раскина договорот со Кливленд Кавалирс по кој што изјави дека му е потребен одмор и не даде конкретен одговор дали и кога би се вратил на терените.

Рики Рубио својата кошаркарска кариера ја започна во Хувентуд на само 15 годишна возраст и во 2005 година стана најмладиот професионален кошаркар кој заиграл на стариот континент. По одличната игра во Барселона со која ја освои Евролигата во 2010 година, се пресели преку “барата”. Таму настапуваше за Минесота Тимбервулвс (во два наврати), Јута Џез, Феникс Санс и Кливленд Кавалирс. Носител е на три златни медали, два пати на Европското (2009 и 2011 година) како и еднаш на Светското првенство (2019 година).

Во клубот во кој се афирмираше како ѕвезда, сега го прави својот “кам-бек”.
Очигледно, времето надвор од кошаркарските паркети било доволно Рики да го најде својот мир и да се врати онаму каде што е најсреќен.

Димитар Младеновски