Им „побегнаа“ речиси 200 милиони фунти

100

Момче и девојка од Велика Британија ја пропуштиле шансата да добијат награда од 200 милиони фунти на “EuroMillions” откако биле извлечени броевите кои редовно ги уплаќале, но овојпат нивниот тикет не бил уплатен.

19-годишната Рејчел Кенеди и 21-годишниот Лиам Мекрохан од Хертфордшајр биле „скршени“ кога сфатиле дека нивните бројки биле извлечени, но нивниот тикет не бил уплатен.

Двајцата британски студенти секогаш ги играле бројките 6, 12, 22, 29, 33, 6 и 11, пет седмици по ред и таа комбинација конечно се појавила за време на извлекувањето на бројките во петокот.

Рејчел својот профил го имала наместено автоматски да ѝ повлекува пари од картичката за тикет на “EuroMillions” со истите бројки, но минатиот петок немала доволно средства на картичката, па тикетот не бил уплатен.

Кога ги видела бројките, помислила дека ја освоила наградата од 182 милиони фунти.

„Си помислив „Господе, добивме пари“. Им се јавив на Лиам и мајка ми, не можеа да поверуваат дека сме ја добиле главната премија. Се јавив во лотаријата, но ми кажаа дека сум немала средства на сметката и уплатата не поминала. Во еден момент бев на врвот на светот, а потоа следуваше шок. Лиам беше уште понервозен од мене“, изјави Рејчел, пренесува британски „Сан“.