И дијаспората се спрема да гласа на референдум

969

Цензусот потребен за успешен референдум е ист и за одлучувачки и за консултативен референдум. Одлуката на граѓаните на одлучувачкиот референдум е задолжителна за институциите, а на консултативниот не е. На гласање треба да излезат мнозинството од вкупниот број граѓани запишани во избирачкиот список. За референдумот да биде успешен, пак, “за” треба да бидат мнозинството од тие кои гласале. Според последните податоци од август 2017 година, избирачкиот список брои околу 1 милион и 800 илјади лица. Според тоа, на гласање треба да излезат над 900 илјади, а 450 илјади да гласаат “за”. Но, познавачите на политичките прилики велат дека цензусот од 900 илјади излезени на гласање, е тешко да се постигне доколку ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициска партија одлучат да бојкотираат.

Доколку партијата повика на бојкот, постои опасност да не се исполни условот, односно половина од потенцијалите гласачи да излезат на референдум.
Партиите од власта веќе започнаа кампања за успешен референдум. Министрите на СДСМ и ДУИ ги повикуваат граѓаните да излезат и да го поддржат референдумот.
-Граѓани да го поддржат референдумот. Тој мора да успее зошто Македонија нема друга опција за просперитет и светла иднина. Ваква порака, упати вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, од прославата за поканата за членство во НАТО од Велес.

Различни здруженија од земјите од Европа и Америка доброволно се пријавиле за да се организира албанската дијаспора за референдумот, како што ги организиравме за изборите кога имаше потреба, на пример како за Кичево, рече претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју во емисијата “Клик плус” на Тв21.

-Контактираме со различни здруженија од земјите од Европа и Америка, како што ги организиравме за изборите кога имаше потреба, на пример за Кичево организиравме, истите пракси ќе се користат и за референдумот. Има заинтересирани здруженија, своеволно се пријавија за да помагаат во овој процес и сакаат да бидат дел од него – изјави Али Ахмети.

Тој, исто така, кажа дека над 90% од Албанците не само што активно ќе учествуваат на референдумот, туку ќе бидат и главни пропагандисти за излегување на референдумот.

-Јас мислам дека поголемиот дел од албанците, да не кажам 100%, но над 90% од Албанците активно ќе учествуваат на референдумот. Не само што ќе учествуваат туку ќе бидат и пропагандори за излегување на референдумот- истакна Ахмети.
Референдумот што се распишува за ратификации на меѓународни договори, стои во законот за референдум, треба да се организира пред ратификацијата на договорите, додека за одлуки донесени од Собранието, се распишува дополнителен референдум.

Консултативниот референдум, според истиот закон, се распишува за претходни консултации со граѓаните и резултатот од него не е обврзувачки за институциите. Познавачите велат дека каков референдум ќе биде распишан, најмогу зависи од референдумското прашање.