Би доаѓале на работа и со автобус, ама нема да стигнуваме на време

122

За само шест месеци одредени пратеници повторно направиле патни трошоци од над 10 илјади евра, покажуваат податоците кои ги објави Макфакс, за првите пет месеци од годинава како и последниот месец од 2017 година.

Во листата на топ 20 пратеници според патните трошоци во овој период, рекордер е пратеничката на СДСМ, Бети Рабаџиеска-Наумовска, и таа за шест месеци, од декември 2017 до мај годинава ќе добие 11.770 евра. Мира Стојчевска од СДСМ, која високо котираше и претходно, овој пат ќе земе 10.396 евра, додека Алија Камбероски од партијата ПЕИ повторно е меѓу пратениците кои имаат повисоки суми за патни трошоци, со 10.355 евра.

Мира Стојчевска, која беше изложена на бројни критики од јавноста поради високите суми за патни трошоци, за Макфакс вели дека таа секој ден патува од Делчево по 168 километри во еден правец и е редовна на сите комисии и сите седници. Вели дека за високите патни трошоци не се виновни самите пратеници бидејќи оние кои живеат најдалеку немаат други опции за патување и системот за пресметки е така поставен за да ги пресметува трошоците според оддалеченоста на местото на живеење на пратеникот.

“Патувањето е ризик, граѓаните не знаат дека сум имала и несреќи на патот, ние пратениците не бевме ни осигурени до неодамна, немавме колективно осигурување. Секој патен налог е потпишан и има податоци, патарини и документи за сите патувања. Јас засега немам друга алтернатива, беа споменати опции за пат со автобуси и нема никаков проблем, би патувала и со автобус, но немам автобуска линија која ќе стигне навреме за да дојдам на работа во Скопје, вели Стојчевска.
За само половина година, пратеничката на СДСМ, Анета Симеска-Димоска ќе добие 8.359 евра, нејзините колеги од партијата, Хари Локвенец и Милева Ѓорѓиева, ќе земат над 7 илјади евра, Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците 7.962 евра и Агим Шаќири од ДУИ ќе земе 7.600 евра.

По повеќе месеци одолговлечување, намалувањето на патните трошоци конечно стигнаа на агендата на пратениците. Но додека се подготвува новото решение, дел од пратениците повторно земаат високи суми за патни трошоци поради стариот собраниски систем за пресметка кој се уште е актуелен.
За разлика од претходно, во трошоците на новата листа доминираат пратениците на СДСМ, што наверојатно се должи на тоа што во изминатиот период пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотираа работата на Собранието.

Пресметките се автоматски и се прават според цената на горивото, километрите и оддалеченоста на местото на живеење и нив ги прави автоматска програма во законодавниот дом.

Медиумите и претходно објавуваа дека пратениците лани земале од 10 до12 илјади евра за патни трошоци. Според пресметките, превозот и патарините на пратениците лани го чинеле државниот буџет приближно 465 илјади евра, или по 50-ина илјади евра месечно се исплаќале само за оваа намена.

loading...