Град Скопје потврди: Целосно ќе се уриваат летните тераси на Кеј, ќе има улица за определен број на возила

542

Град Скопје од наредниот месец ќе почне со градежни работи за целосна реконструкција на кејот „13 Ноември“, со што, како што велат, ќе се реши хаосот и безредието кое владее на овој дел од центарот на градот.

Како што информираат за „Република“ оттаму, според проектот ќе врши партерно уредување на кејот, на потегот од хотелот „Холидеј ин“ до зградата на „Телеком“.

Предвидено е отстранување на старите и оштетени плочки, клупите, корпите за отпадоци, канделабрите, како и крајните жардиниерите кои се еден вид ограда. Треба да се отстрани и киоскот кој беше поставен на за продажба на сувенири, но никогаш не проработи. Со ова Кејот „13 Ноември“ повторно ќе стане еден од најатрактивните јавни простори во нашиот град и скопјани ќе добијат еден репрезентативен јавен простор по светски стандарди, велат од Град Скопје.

Со овој проект, додаваат, ќе се изврши демонтажа односно уривање на постоечките летни тераси на кафулињата кои се распослани по речиси целата ширина на кејот и кои, според нив, повеќе наликуваат на објекти отколку на летни тераси.

На оваа тема остварени се поголем број на средби со сопствениците на локалите и презентирани им се сите планови и проекти. Разговарано е за пронаоѓање на оптимално решение во интересе на сите, но Градот Скопје нема да прави компромиси околу слободниот јавен простор и репрезентативност на кејот, велат децидно.

Лента за автомобили, сепак, ќе има.

Од аспект на сообраќајот, минатиот состав на Градската администрација со одлука на Советот на Град Скопје, Македонски Телеком е ослободен од обврската да гради подземна сообраќајница, па оттаму мора да се обезбеди пристап до објектот преку кејот. По завршувањето на реконструкцијата на Кејот, нема повеќе да се дозволува безредија и влез на било кој, туку ќе се дозволи само технички сообраќај за објектите кои се тука, за точно определен број возила и во точно определено време, велат од Град Скопје за „Република“.

Во предизборната програма на сегашниот скопски градоначалник Петре Шилегов се ветуваше дека овој дел од градот целосно ќе го затвори за секакви автомобили.