ФИЛИПЧЕ: Угостителските објекти ќе се вратат на работното време до 21 часот, состојбата е стабилна

910
Министерот за здравство Венко Филипче на утринското гостување во МТВ посочи дека угостителските објекти ќе го вратат работното време до 21 часот доколку епидемиолошката состојба остане стабилна како што е во моментот.
На прашањето дали се планираат нови мерки или пак олабавување на мерките после празниците Филипче потенцираше:„Конкретно да кажам дека угостителите ќе се вратат со работното време до 21 часот, меѓутоа тоа ќе биде тоа засега. Се уште ја следиме ситуацијата како ќе се развива и согласно анализите во иднина ќе одлучуваме дали ќе има дополнителни намалувања на рестрикциите“, рече Филипче.

Министерот за здравство потенцира дека се охрабрувачки резултатите од истражувањето со здравствените работници, кои покажуваат дека над 60 отсто од здравствените работници би се вакцинирале против Ковид 19.,

„Исклучително висок процент на здравствени работници се заинтересирани да ја примат вакцината и тоа е добар сигнал за сите граѓани. Здравствените работници беа на првата линија во борбата и знаат колку е опасен вирусот, доколку тие се вакцинираат тоа ќе влее поголема доверба и кај граѓаните“, истакна Филипче.

Министерот вели дека како и досега, министерството ќе продолжи да информира транспарентно и точно, со цел граѓаните да добијат правилни информации за важноста од вакцинирањето и безбедноста на овој процес.

„Вакцинирањето е сериозен и проверен процес. Вакцините се развиени на безбедни и проверени платформи на кои што досега се развиваа и сите други вакцини. Една вакцина која ќе ја помине процедурата на одобрување од европкасата и американската агенција за лекови, како на пример вакцината на Фајзер, е со сигурност безбедна вакцина затоа што проверките, критериумите и условите на овие две агенции се многу строги“, рече министерот.

Тој додаде дека сите вакцини кои ќе пристигнат кај нас ќе бидат целосно безбедни, а граѓаните може да имаат целосна доверба во процесот на вакцинација.

Филипче порача дека граѓаните мора да се свесни дека само преку вакцинација може да се искорени и победи болеста и тоа е единственото сигурно оружје против Ковид 19 вирусот.

Министерот Филипче се осврна и на епидемиолошката состојба која значително се подобрува во последните четири недели. Тој истакна дека за ова има голем удел однесување на граѓаните кои значитлено повеќе од порано ги почитуваат мерките за заштита.