Запрашан од новинарите на денешната прес конференција, министерот за здравство Венко Филипче, одговори дека според досегашните истражувања се покажува дека децата и оние лица кои ја прележале веќе болеста и веќе имаат антитела нема да има потреба да ја примат вакцината, но бидејќи тоа е тема која сеуште се истражува работите можат да се променат.
На прес конференцијата која се одржува моментално, премиерот Зоран Заев се обрати до граѓаните и соопшти дека Владата ги прифати сите препораки на Комисијата за заразни болести за време на новогодишните празници, додека сме во исчекување на вакцината.
Мерките вклучуваат забрана за работење на угостителските објекти по 18 часот, забрана за организирање на предновогодишни прослави, како и прослави за Нова година, забрана за собири на отворен или затворен простор, верски собири за време на Божиќните празници, и истите ќе траат од 18ти овој месец па се до 20ти јануари на полноќ.
Тој истакна дека е свесен дека мерките не се популарни кај граѓаните но се потребни со цел побрзо да се излезе од оваа ситуација кога сме на чекор до победата чекајќи ја вакцината, и апелираше да се издржи уште малку, да бидеме одговорни и да го заштитме сопственото здравје и здравјето на нашите најблиски.
Исто така Заев истакна дека нема да се заборават угостителите на кои им се задава најголем удар и дека ќе им се помогне финансиски исто како и на оние од секторот туризам и транспорт како најпогодени.