„Филип Морис ТКП“ инвестира 80 илјади долари во прилепското електро-машинско училиште

756

Со донација од 80 илјади долари на „Филип Морис ТКП“, прилепското средно електромашинско училиште „Ристе Ристески – Ричко“ доби нова најсовремена опрема за изведување практична настава, како и целосно реновирање на просториите каде се врши практичната настава за потребите на овој образовен профил, соопштија од прилепската компанија.

Со донацијата се опфатени: поставувањето нов под во училниците, санација на внатрешните ѕидови, замена на вратите, поставувањето ново расветлување и инсталирање на училишните кабинети за практична настава и нивно опремување со специјализирани школски електротехнички лаборатории за потребите на наставниот процес, како и градежни зафати во кабинетите на наставниците.

Имплементацијата на проектот се одвива во соработка со Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Скопје.

Според Михаел Солтер, генерален директор на „Филип Морис ТКП“, компанијата дава придонес во квалитетното образование и поефетно вклучување на учениците во пазарот на трудот.

– Сакаме да го дадеме нашиот компаниски придонес кон еден клучен сегмент од општеството како што е образованието, затоа што само квалитетното образование може сериозно да ги подобри состојбите во заедницата. Ова училиште има токму таква улога во локалната економија во Прилеп и затоа оценивме дека е повеќе од потребно да се интервенира во образовните капацитети, да се оспособи за да даде навистина квалитетни и добро обучени кадри подготвени за потребите на пазарот на труд, вели Солтер.

Во прилепското електро-машинско училиште учат 825 ученици. „Филип Морис ТКП“ е прва општествено-одговорна компанија која инвестирала средства во подобрување на образовните капацитети во училиштето, подвлече директорката Билјана Трајкоска.

– Ние, пред сè, сме центар со средното стручно образование и со директен импакт во локалното стопанство. Новите подобрени услови во кои ќе започнеме да работиме несомнено позитивно ќе се одразат на самиот квалитет на наставата и кадрите што излегуваат од кај нас, вели Трајкоска.

Реконструкцијата на училниците за практична настава и инсталирањето на опремата започна на први август, а се очекува да заврши до крајот на септември, за кога е предвидено и потпишување меморандумот за разбирање помеѓу средното училиште и Тутунски Комбинат Прилеп.