ФИФА залудно се заканува – Суперлига ќе биде формирана

59

ФИФА се закани дека играчите на клубови кои се подготвени да играат за Европската супер лига ќе бидат казнети со немање право да играат за националниот тим. Станува збор за суперлига за која долго се зборуваше и зад која наводно стојат најбогатите тимови.

Во план е лигата да биде од затворен тип, а во која право на учество ќе имаат Арсенал, Челси, Ливерпул, Тотенхем, Сити, Јунајтед од Англија, потоа шпанските гиганти Атлетико, Барса и Реал Мадрид, од Серија А, Интер, Милан и Јувентус, Баерн и Борусија Дортмунд како најголеми и најмоќни германски клубови и богатот ПСЖ од Франција.

Идејата е да се создаде лига што би личела на лигите што се формираат во САД. Ваквиот формат со сигурност ќе донесе спектакуларни натпревари, вистинско фудбалско шоу и големи профити.

Барселона јавно преку поранешниот претседател изјави дека станува дел од Суперлигата, англиските клубови се предомислија и се подготвени да се приклучат, а заканите од ФИФА се нереални бидејќи ретко кој може да замисли Европско првенство или Светско првенство без најдобрите играчи и ѕвезди на планетата.

Приходите ќе бидат многу поголеми и секој учесник ќе добие 350 милиони евра, а осум екипи (четири од најдобрите од две групи од по 10 тима) ќе играат во нокаут фаза, додека првите пет ќе обезбедат настап на Светското првенство во клубови на ФИФА, а шестиот и седмиот би играле бараж.

Малите клубови ќе останат со „сиво мртвило“, но тоа е очекувано. ФИФА се заснова исклучиво на заработка, а парите станаа најважна работа за клубовите, па се очекува челниците на Меѓународната фудбалска федерација да попушти особено откако ќе биде договорен целиот план за прилив на средства.