Европскиот шампион со уште посилен состав (ВИДЕО)

572

Актуелниот европски шампион, Панатинаикос не чекаше премногу време за да формира уште посилен тим за одбрана на тронот.

Денес во Атина пристигна еден од најдобрите бекови на “стариот континент”, Лоренцо Браун. За 33-годишниот Браун беа заинтересирани најсилните евролигашки тимови, но “детелинките” беа најконкретни во своите намери. Според неофицијалните информации се работи за тригодишен договор вреден над 6 милиони евра.

Овој тим е исполнет со талентирани играчи. Има огромни очекувања од нас. И јас имам огромни очекувања од себе и сум убеден дека ќе освојувам титули со Панатинаикос. Јас сакам европската круна. Имам реализирано се што сум посакал во мојата професионална кариера а ми недостига единствено европскиот трон” – изјави Браун на официјалното претставување пред медиумите.

Во досегашната кариера Браун има настапувано за Црвена Ѕвезда, Фенербахче, УНИКС Казан, во два наврати во Кина, а во грчаката престолнина пристигнува по одличната ланска сезона помината во дресот на Макаби Тел Авив. Популарниот “Енцо” има и NBA искуство. Во најсилното кошаркарско натпреварување одигра вкупно 103 натпревари кој ги подели помеѓу Торонто, Феникс, Минесота и Филаделфија. Во 2019 година ја освои NBA титулата по епизодната улога која ја имаше во дресот на Торонто Репторс.

За “зелено-белите” ова претставува формирање на најсилната бековска линија во Европа. Во составот се искусните Костатс Слукас, Кендрик Нан и Џеријан Грент а сега им се приклучува и Лоренцо Браун. Тренерот Ергин Атаман се присети на поранешниот состав на Панатинаикос кој во време на легендарниот Жељко Обрадович на бековските позиции во составот ги имаше Димитрис Дијаматидис, Василис Спанулис и Шарунас Јасикевичиус. Како и сега, Панатинаикос и тогаш беше европски шампион.

И покрај тоа што е роден и израснат во САД, сјајниот бек ја претставуваше Шпанија на Европското првенство 2022 година (кое се одржа во Германија) и како натурализиран играч го освои златниот медал. По освојувањето на Евролигата како и домашното првенство, Панатинаикос сериозно се подготвува за одбрана на тронот во сите натпреварувања.

Димитар Младеновски