Европскиот комесар за единствен пазар, Тиери Бретон, вчера во интервју за неколку француски медиуми го претставил “европскиот здравствен сертификат” за вакцинација против коронавирус, кој до 15-ти јуни ќе им биде достапен на граѓаните, но додал дека нема да биде задолжителен.
“Знаеме како ќе изгледа идниот здравствен сертификат кој ќе биде достапен од 15-ти јуни. Тоа ќе биде документ со информации за вакцина и антитела развиени против Ковид-19”, рекол Бретон.
Истакнал дека сертификатот ќе биде достапен во дигитална верзија и на хартија. Додал дека ти требало да го издаваат Министерствата за здравство на земјите на ЕУ.
Сертификатот, или пасош, како што некои медиуми го нарекуваат, ќе има податоци за државјанство, вид на вакцина и антитела.
“Во документот ќе биде вашето име, презиме, датум на раѓање, државјанство, број на пасош, дали сте вакцинирани или не, вид на вакцина што сте ја примиле и дали сте биле носител на вирусот”, рекол Бретон кој на француските медиуми им покажал верзија од тој сертификат.
Бретон рекол дека постои можност документот, иако не е задолжителен, да биде препорачан за патувања со авион, учества на важни настани или за влез на некое јавно место. Во недостиг на тој документ, ќе биде неопходен негативен тест на коронавирус.
El Comisario europeo🇪🇺@ThierryBreton presenta en @LeGrandJury el ‘certificado de #vacunacion’ contra el #COVID19 que podría estar listo en papel y en el smartphone en el plazo de 2 o 3 meses pic.twitter.com/Ph3yk2iE2V
— Miguel Gil (@Gil_peral) March 28, 2021
Европскиот комесар во истото интервју рекол дека забрзувањето на испораката на вакцините ќе и овозможи на Европа да “ја види светлината на крајот од тунелот” и покрај третиот бран на епидемијата на коронавирусот.
“Сега во Европа имаме 52 фабрики кои работат 24 часа дневно, седум дена во неделата, за производство на вакцини против Ковид-19”, рекол Бретон.
Бретон додал дека Европа има капацитет да произведе и испорача 360 милиони дози вакцини до крајот на кварталот и 420 милиони дози потребни да се достигне колективен имунитет до средината на јули.
Европскиот комесар неодамна рекол дека Европа би можела да постигне колективен имунитет до 14-ти јули.
“Гледаме светлина на крајот на тунелот”, рекол Бретон и додал дека се потребни уште неколку недели да се ограничи ширењето на вирусот и истовремено да се зголеми бројот на вакцинирани.