ЕМОТИВНА ИСПОВЕД НА АНЕТА КАЧУРКОВА : Останав без коса, ја прифатив болеста и научив да живеам со неа!

0
1038

Анета Качуркова, дефинитивно, е еден од најдобрите вокали, но и автори на домашната музичка сцена. Јавноста ја запозна во 90-те години кога заедно со сестра и Геновева и Јулија го формираа триото П.С кое беше многу популарно, а темите Сон, Сенка, Кажи што ќе направиш се слушаат и до ден-денес. Во моментов Анета живее и работи во Париз, наскоро ќе ја изненади публиката со нов материјал на англиски јазик, а пред десетина година се соочи и со тежок животен предизвик, односно и беше дијагностицирана болеста алопеција ареата, автоимуна болест при која имунолошкиот систем, кој е задолжен да го штити организмот од надворешни елементи како што се вирусите и бактериите, по грешка ги напаѓа фоликулите на косата при што може да доведе до опаѓање на косата на главата и сите други места. Бидејќи не постои третман против алопеција ареата, ниту пак ефикасни лекови за спречување на опаѓањето на косата, пејачката веќе долги години носи перика и марами, но вели дека благодарение на болеста успеала да се изгради како личност, а се лечи со песна и мелодија.

Домашната јавност ве запозна преку триото П.С кое беше доста популарно пред скоро 20 години, ви недостасуваат ли тие времиња, какви спомени ви будат?

Анета: Ми будат чувство на гордост, што од толку мали години се трудевме да направиме квалитетна музика. Се уште ја имам истата страст, креирам. Ми недостасува секој ден мојата прва љубов, ПС. Ми недостасува ентузијазмот што Македонија го имаше за македонската музика. Но, за среќа тоа што се уште ни остана е сестринската љубов меѓу мене, Геновева и Јулија. Тие две ми се музи, и се гордеам на нивните успеси.

Иако веќе извесен период не сте во Македонија, сепак музиката и на другиот крај од светот повторно е ваша примарна професија и интензивно работите на нови проекти и теми. Деновиве објавивте неколку интересни фотографии на социјалните мрежи од снимање, па дали ќе можете да ни кажете за што точно станува збор и на што работите во моментов?

Анета: Уште пред да дојдам во Париз, потпишав договор со музички издавач од Лондон и станав дел од издавачката куќа “Moods and Modes”. Компонирам неколку проекти за нив, се издаде повторно мојот прв албум наречен “UniversaLove”  во март оваа година. Во меѓувреме во Париз дојдов да учам нешто ново на “American School of Modern Music”  и направив своја група со музичари. Моментално сме во подготовки на новиот албум и овој месец го завршивме снимањето на спотот за првиот сингл наречен “Give It Time”.

Музиката отсекогаш била Ваша прва и најголема љубов, тоа повеќепати досега го имате потенцирано, дали уште го имате истиот став и размислување?

Анета: Да! Таа е природата на мојата душа. Размислувам повеќе во мелодии, отколку зборови. Всушност се испреплетуваат, мелодии со слики, чувства, искуства. За мене музиката е нешто преку кое го разбирам и восприемам светот, музика како размена на енергија и комуникација. Многу често го опсервирам својот ум како се однесува при процесот на креирање музика. Сите мисли престануваат (особено оние негативните) и цела животна енергија се насочува кон една мелодија, и имам чувство на експанзија како да ми се шират градите, и течам како река. Најголем комплимент ми е кога ми кажуваат дека мојата музика и глас имаат исцелувачки ефекти. Тоа за мене е свето.

Дека никогаш не можеш да знаеш што ќе ти донесе денот не е само обична изрека, туку и голема животна вистина, а дека тоа навистина е така потврдува и Вашата приказна која пред се е многу инспиративна. Имено, пред десет години Ви дијагностицираа алопеција ареата. За каква дијагноза точно станува збор?

Анета: Тој здравствен проблем се нарекува алопеција ареата. Ме изгради како личност и ми даде храброст да си го остварам сонот. Ме научи да се слушам себе си вистински и да се сакам во секоја ситуација. Да комуницирам директно и едноставно и да се фокусирам на она што е навистина важно – љубовта, сочувство, сомилоста, едноставност. Се уште носам перики и марами. Одлучив да ја прифатам наместо да се борам. Тоа е најдобро нешто што можев да си го подарам на себеси. Да застанам пред себе си и светот и да кажам “ова сум јас во овој момент# и одам понатаму со животот. Немам потреба да сум физички совршена, изгледот е минлива работа. Фокусот ми е на она што е трајно. Душата, изворот на животната сила, хармонија со себеси и тие околу мене и, секако, музиката.

И покрај многуте професионални обврски кои ги имате, успевате ли да најдете време за себе?

Анета: Духовната работа ми е како здивот, медитирам и во метро и кога снимам музика. Цело време се запрашувам “дали ова што го правам е во хармонија со Универзумот?# и така донесувам одлуки. Настојувам сите духовни лекции што ги научив да ги применам во секојдневниот живот. Дури и да мијам садови со љубов. Да изразам благодарност на се во мене и околу мене.

 

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here