Емилија живееше среќен живот, ќе се гордееше што нејзините органи се донираа

57

Емилија беше прекрасна личност, жена посветена на семејството, на ќерката и синот, на внучето кое го доби од нејзината ќерка. Му се радуваше на животот, ја веселеа малите работи, уживаше во времето минато со семејството и пријателите. Да, таа беше среќна личност – вака за „Фокус” раскажува Наташа Накова, прва братучеда на Динева, жената чие срце и бубрези се донираа, откако го изгуби животот во сообраќајна несреќа.

Вели дека Емилија, која по потекло е од Јосифово, а со семејството долги години живеела во Стар Дојран, секогаш и била блиска, како сестра. Загубата тешко ја поднело цело семејство, но ги тешела помислата дека спасиле три животи.

-Не можам да најдам зборови за да ја опишам нашата Емче. Никогаш во животот не покажа разочарување, насмевката и беше заштитен знак. Многу му се радуваше на внучето, беше посветена мајка и сопруга. Работеше во кафеаната Боеми во Дојран, во кујната. Тој кобен ден, кога се случи несреќата, таа со мопедот тргнала на работа. Удрила во бетонска ограда, била отфрлена неколку метри. За жал, поради тешко крварење во мозокот, беше четири дена во кома. На сите ни е многу тешко, но семејството собра сили и одлучи таа да биде донор, да се спасат животи на луѓе… Горди сме на одлуката. Секогаш во мислите и срцата ќе ни остане нејзиниот насмеан лик – вели Накова.

И градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, во разговор за ,,Фокус” изрази сочувство до семејството Диневи и порача дека треба да се подигне јавната свест кога е донирањето на органи во прашање.

-Диневи се мои соседи, горд сум што го познавам ова хумано семејство, горд сум што баш од нашата општина го имаме првиот донор на срце во земјава. Ќе сториме се за да се запомни големината на овие луѓе – порача тој.