ЕМ ПЕЈАЧИ, ЕМ УГОСТИТЕЛИ – Кафеаната е нивна судбина!

957

Од музиката одамна не може да се живее… Едвај преживуваме, па мораме да бараме други солуции…, ова е ставот на повеќето домашни музички имиња, кои во потрага по среќа или се држат до своите примарни професии или бараат друго чаре.

Дел од пејачите работат во фирми, кои немаат ама баш никаква врска со музиката, или во сопствени музички продукции, додека добар дел имаат ќеф да бидат угостители. На некои им тргна, а некои, за жал, само се обидоа.

Угро, Панчо – ДНК, Панки, Александра Пилева, Димитар Андоновски, Ламбе Алабаковски, Наум Петрески… своевремено имаа угостителски објекти кои беа доста посетени и популарни. Бизнисот им одеше од рака, но само им одеше зашто угостителство за овие ликови е минато. Сега Угро работи на брод, Панчо се држи до она најдобро што го знае – музиката, Панки ја заврши кафеанската кариера како легенда и поради една тепачка во неговиот локал во белградската ЗОО градина дури и има уличка која се вика “Улица македонских конобара”… Пилева ја напушти земјава и со семејството фати во туѓина, а слична е и приказната на Ламбе кој веќе неколку години со сопругата и синот исто така живее во странство.

Наум, пак, пред извесен период ја затвори гостилницата “Кај Науме” каде сам спремаше риба, а главниот специјалитет го носеше неговото име “Наумче”. Поради недостаток на време на пејачот, за жал, оваа приказна згасна по само неколку месеци од отворањето.

Меѓу музичарите на кои најдобро им цветаше бизнисот во угостителството беа двоецот Дуле и Коки кои за жал поради прераната смрт на Дуле мораа да и стават крај на оваа приказна, а сега Коки повторно има ресторан каде главен специјалитет се штипските пастрамајлии кои самиот тој ги меси и спрема.

Маја Гроздановска – Панчева можеби ја нема одамна на музичката сцена и по настапи, ама кога е во прашање семејното кафуле тогаш таму е главна. Знае да им запее на гостите, а и зошто да не. Па зарем пари да се даваат на други музички гости кога таа си знае да пее?!

Најтазе во овој бизнис е пејачот Дарио Панковски, кој неодамна отвори кафуле во центарот на Скопје и вели, засега добро се снаоѓал, а дали ќе го биде или не ќе покаже времето. Ако ништо друго барем сега има катче каде постојано ќе биде достапен за публиката.