Масимо Савиќ со нов албум пред концертот во Охрид!

719

“Сада” е насловот на новиот албум на хрватската ѕвезда Масимо Савиќ, чија официјална промоција се случи деновиве. Станува збор за издание со вкупно 14 нумери, од кои дури 11 се уште не се објавени. На новиот албум Масимо повторно соработуваше со некои од своите постојани соработници, како што се авторот и продуцент Предраг Мартињак и аранжерите и продуценти Никша Братош и Иван Попескиќ.

Мартињак потпишува четири песни од албумот, а тука се и уште две познати авторски имиња од претходното издание, Сандро Бастијанчиќ и Амил Лојо, секој со по две песни. По една песна потпишаа и Бруно Ковачиќ, Нихад Володер, Сергеј Ќетковиќ, Давор Пастуовиќ и Дамир Арсланагиќ, нови соработници чии песни природно се надоврзаа на уметничкиот сензибилитет на Масимо.

“Беше доста возбудливо и вистинско уживање да се работи на новиот албум. Подеднакво уживав во соработката со веќе уиграната екипа, како и со новите имиња кои на овој албум му дадоа едно посебно обележје”, изјавил Масимо, кој летово заминува на возбудлива летна турнеја, вклучувајќи го и големиот концерт во Охрид, закажан за 14 јули во Античкиот театар.

Музичарот деновиве го снима и видеото за првиот сингл од албумот, темата “Лице варалице”.