„Елмас не мрда од Наполи до јуни, а потоа – концентриран е само на ЕП со Македонија“

155

Македонскиот бисер Елиф Елмас, за кого има(ше) четири понуди да направи трансфер веќе зимава, нема шанси да си замине од Наполи, бидејќи е максимално сконцентриран на работата под Везув и за настапот со Македонија на Европското првенство, објави менаџерот на фудбалерот за врска Џузепе Гарди за италијанските медиуми.

Елмас не добива преголема минутажа од Џенаро Гатузо, па откако го прележа коронавирусот и со Македонија обезбеди историски настап на Евро 2021, само трипати беше стартер и тоа во мечеви од Лига Европа, па италијанските медиуми почнаа да нагаѓаат дека може да си замине веќе во јануари, штом на него не се смета сериозно.

На сето ова се надоврзаа и понудите што пристигнале на адреса на Наполи од гиганти како Бенфика, потоа Борусија Менхенгладбах и Борусија Дортмунд, која понудила и 25 милиони евра, но сите како што објавија од Наполи биле експресно одбиени, со образложение дека Елмас е важна алка во тимот и не е на продажба.

Сега, менаџерот Гарди посочува дека желба и на Елмас е да остане меѓу наполитанците, иако во последниот период игра малку.

„Елиф сака да ја заврши сезоната во Наполи. Не сака да си оди и сака да остане, а потоа од јуни максимално сконцентриран да биде само на Европското првенство со Македонија, која ќе дебитира на големите турнири“, рекол Гарди за италијанските медиуми.

Македонскиот репрезентативец ланското лето дојде во Наполи за 16 милиони евра плус бонуси од Фенербахче, а веќе го продолжи после една година договорот со наполитанците, кој му важи до 2025 година и доби покачување на платата од 1,5 милиони евра.