Експертите потврдуваат: Колку овошје навистина смееме да консумираме?

855

Стив Џобс, соосновачот на компанијата “Apple” беше познат по својата исхрана која се базираше на овошје, верувајќи дека тоа го чисти неговото тело од штетни токсини. Од друга страна, актерот Ештон Качер ја применувал диетата со овошје на Џобс, се додека не завршил во болница поради проблеми со панкреасот.

Тука се поставува прашањето – дали е добро да јадеме многу овошје?

“Главната загриженост при претераниот внес на овошје е поради природниот шеќер. Додека овошјето содржи многу шеќери, истражувањата константно ја поврзуваат консумацијата на целиот плод со намалениот ризик од развој на дебелина и други метаболички болести”, вели д-р Роберт Лустиг, автор на книга за исхрана наречена “Fat Chance”.

Исто така, овошјето содржи и други состојки кои го ублажуваат ризикот од шеќери.

Како што објаснуваат експертите, тоа содржи растворливо и нерастворливо влакно. Заедно овие два типа на влакно формираат еден вид на “решетки” во внатрешноста на тенкото црево, кои спречуваат значителен дел од шеќерот да се апсорбира порано во текот на процесот на варење.

“Како при спречување на бранови од цунами, правејќи подводен ѕид, оваа бариера ја ограничува апсорпцијата на шеќери така што не го оптоварува црниот дроб”, објаснува Лустиг.

Освен што помага во контрола на апсорпцијата на шеќерот од овошјето, комбинацијата на растворливи и нерастворливи влакна од целото овошје исто така го поттикнува и варењето на храната.

„Вашето црево му сигнализира на мозокот дека сте сити кога она што сте го изеле ќе го наполни третиот дел од вашето тенко црево – илеумот. Тогаш влакната им помагаат на молекулите од храната побргу да го пополнат илеумот, поради што ќе се чувствувате посити, во однос на тоа кога би јаделе храна без влакна”.

Сепак, претераната консумација има и свои лоши страни – претераниот внес на овошје може да предизвика дијареја и други проблеми во организмот.