Ѕверот од Истокот: Бура ја парализираше Западна Европа, снегот ги затрупа Велика Британија и Германија

471

Поголемиот дел од Западна Европа се бори со силната снежна бура „Дарси“ која донесе невообичаено обилни врнежи на снег и пад на температурите, а доведе и до прекин во снабдувањето со електрична енергија и сообраќајот во многу области во Велика Британија, Германија и Холандија.

Поради тоа што бурата пристигна од Истокот на Европа, западните медиуми ја нарекоа „Ѕверот од Истокот“.

Во Велика Британија, бурата „Дарси“ донесе остар пад на температурите на -13 степени Целзиусови и до триесетина сантиметри снег. Ситуацијата дополнително ја влошуваат силните зимски ветрови кои создаваат наноси на патиштата и ги кинат електричните кабли, поради што дојде и до прекин во снабдувањето со електрична енергија.

Бурата со силен ветер, покрај Велика Британија, го зафати и северот и западот на Германија и доведе до колапс во сообраќајот – стотина сообраќајни несреќи и откажување на неколку железнички линии.

Полицијата соопшти дека 28 лица се повредени во несреќи настанати на замрзнатите патишта. Властите од германската покраина Северна Рајна-Вестфалија соопштија дека од неделата досега се регистрирани 222 сообраќајни несреќи.

Од германската железница соопштија дека поради лошото време биле откажани и неколку железнички линии, меѓу кои од Хамбург до Хановер и од Берлин кон западот на земјата.

Во Холандија властите прогласија ретка вонредна ситуација наречена „Црвен код“ поради силната снежна бура која ја погоди земјата. Бурата проследена со ветрови кои достигнале брзина од 90 километри на час донесе најобилни врнежи на снег од 2010-та година, од пет до 30 сантиметри.

Откажани се железнички линии, како и трамвајскиот сообраќај откако во Хаг од шини излетал еден трамвај. На амстердамскиот аеродром биле откажани неколку летови, додека на аеродромот во Ајндховен се откажани сите летови. Целосно е во прекин и меѓународниот железнички сообраќај, посебно кон Германија.