Дваесет и една сообраќајка и 21 лице повредени во Скопје изминатиот викенд

148

Еден патник на автобус се здобил со тешки телесни повреди, а 20 се полесно повредени во вкупно 13 сообраќајни незгоди што се случиле изминатиот викенд на подрачјето на Скопје. Во осум сообраќајки е причинета материјална штета.

СВР Скопје утринава информира дека изминатиот викенд санкционирани се 63 возачи кои возеле побрзо од дозволеното, а од сообраќај се исклучени 72 возачи кои возеле пред да се стекнат со правото на управување моторно возило, 15 возачи почетници и тројца возачи под дејство на алкохол.

Сообраќајната полиција исклучила од сообраќај и 60 нерегистрирани возила и две возила кои биле претоварени.

За непрописно паркирање издадени се 274 казни, а со специјалното возило пајак подигнати се 151 возило.

Според полицискиот билтен, на црвено светло поминале 21 возач, а 17 возачи не дале предност на минување на пешаци на обележан пешачки премин. Евиденитрани се и 28 возачи на мотор, мопед и мотоцикл кои не носеле заштитен шлем.

За користење мобилен телефон додека возеле санкционирани се 42 возачи, а за не носење сигурносен појас 14 возачи.

Санцкионирани се и седум пешаци кои поминале улица подалеку од пешачки премин.