Драма на море: Луксузна мегајахта изгоре и потона во близина на Италија

645

Голем пожар ја зафати мегајахтата “Lady MM” во морето во близина на италијанскиот остров Сардинија. Јахтата потонала, а 17 членови на екипажот и патници биле спасени.

Како што пренесуваат италијанските медиуми, противпожарниот аларм на јахтата се огласил утринава околу 6 часот по локално време додека јахтата патувала од Капри кон Порто Черво.

Локалните служби веднаш започнале операција за спасување во која учествувале два патролни бродови и хеликоптер, меѓутоа кога пристигнале забележале само оган и чад, а немало никој од членовите на екипажот. Подоцна дознале дека тие во паника го напуштиле бродот на моторен гумен чамец и сите се живи и здрави, а патролните бродови ги пресретнале и одвеле на безбедно.

Капетанот на бродот бил Хрват, како и уште неколкумина членови на екипажот, а италијанските власти го пофалија поради присебноста. Имено, тој итно наредил затворање на големите резервоари во кои имало повеќе од 70 илјади литри дизел, со што била спречена поголема еколошка катастрофа.

Јахтата “Lady MM” пловела под знамето на Кајманските острови, била долга 47 и пол метри и покрај својата тежина од 500 тони, можела да развие брзина од 17 чворови. Располагала со главен апартман, ВИП кабина, една голема кабина и две помали за по две лица.

За патниците се грижеле девет членови на екипажот кои биле задолжени луксузното патување да помине во најдобар ред. За жал, сиот тој луксуз за само неколку минути исчезнал во пламенот и морето.