Дојде ерата на чипови контролирани со мисла: Парализиран човек објавил твит благодарение на чип во мозокот

179

Компанијата која произведува и вградува невронски компјутерски интерфејс во мозокот вели дека пациент со болест во нервниот систем поради која останал неподвижен може да сподели објава на социјалните мрежи само со своите мисли.

62-годишниот Австралиец со дијагноза амиотрофична литерална склероза – болест која предизвикува парализа – сега е во состојба да комуницира со мислите, без било какви мускулни активности, објавиле од компанијата “Synchron” која ги произведува и вградува тие електронски чипови.

“Не треба да се допира тастатура или да се даваат гласовни команди. Го напишав овој твит само со своите мисли”, стои во објавата на Твитер која, како што велат во компанијата, Филип О’Киф ја напишал и објавил на профилот на извршниот директор на “Synchron”, Томас Оксли.

Објавата е напишана безжично, преку мислите на О’Киф. По прогресивната парализа предизвикана од амиотрофична латерална склероза, минатата година на мозокот му бил вграден невронски компјутерски интерфејс “Stentrode”. Имплантот дизајниран на пациентот да му овозможи безжична контрола на дигитални уреди само преку мисли е вграден преку вратните вени, за да се избегне отворање на черепот.

“Сега со своите мисли можам да изберам каде на компјутерот сакам да кликнам, можам да пратам електронска пошта, да проверам сметка во банка, да купувам он-лајн и да праќам пораки во светот преку Твитер”, ги пренесуваат зборовите, односно мислите на О’Киф од компанијата.

Пациентот навел и дека овој неверојатен систем бара многу вежбање, но кога еднаш ќе се научи, станува сосема природно.

И покрај прогресивната парализа, Филип О’Киф сега е во состојба самостојно да врши низа активности и да комуницира со надворешниот свет.