До крајот на денот можна ратификација на договорот за името во Собранието

959

Собраниската Комисија за европски прашања во 15:00 часот треба да ја започне седницата за да го разгледа Предлог-законот за ратификација на договорот за името, а петнаесет минути подоцна треба да започне и седницата на Законодавно-правната комисија.

Имајќи предвид дека станува збор само за разгледување и изјаснување на пратениците за договорот и дека од опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема да учествуваат во работата на комисиите, седницата не би требало да трае долго. Најавите од владејачкото мнозинство се дека доколку се создадат можности, 51. седница би продолжила веднаш по комисиските расправи и договорот би можел да биде ратификуван до крајот на денот.

Со 69 гласа „за“ и 40 „против“ денеска во рамки на 51. седница Собранието беше изгласана потребата за донесување на Предлог-законот за ратификација на договорот за името со Грција.

Пратеникот Ферид Мухиќ беше единствен од владејачкото мнозинство кој гласаше „против“ потребата за донесување на Предлог-законот за ратификација на договорот. За новинарите тој кажа дека е против каков било договор за името.

Против гласаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои нема да учествуваат во носење на Предлог-законот за ратификацијата на договорот.

Потребата од донесување на овој закон по скратена постапка пред пратениците ја образложи министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Тој напомена дека овој предлог-закон е предвиден како дел од националната програма за усвојување на правото на ЕУ во рамки на политичките критериуми во делот на регионалната соработка и меѓународните обврски. Рокот за донесување е 22.06.2018 година, а Димитров нагласи дека имајќи ги предвид европските и евроатлантските перспективи на земјата повеќе од неопходно е да се донесе по скратена постапка.

Шефот на дипломатијата потсети дека Грција согласно договорот, по неговото ратификување во македонскиот Парламент има обврска да го извести претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск дека дава поддршка за почеток на членството во ЕУ и да го извести генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг дека ја поддржува поканата за НАТО.

– Јунскиот совет е пред нас, министрите за надворешни работи на земјите-членки ќе заседаваат на 25 и 26 јуни, а Самитот е на 28 јуни. Овие датуми се клучни за европската перспектива на нашата земја и зависат од ратификацијата на спогодбата. За да ги испорачаме овие резултати предлагаме Собранието  да одлучи законот да се донесе по скратена постапка. Со ратификацијата се отвора можноста граѓаните да се изјаснат за својата иднина на есенскиот референдум, рече Димитров.