Чешка и донираше милион евра на македонската полиција

823

МВР по трет пат денес доби нова донација во висина од еден милион евра од Чешката Република за зголемување на капацитетите на македонската полиција, односно за набавка на техничка опрема за справување со последиците од мигрантската криза.

Договорот за донација денеска во Скопје го потпишаа министерот Оливер Спасовски и чешкиот амбасадорот во Македонија, Мирослав Томан.
Министерот Спасовски по потпишувањето, рече дека ова е трета донација од чешкото МВР и Владата на Чешката Република од почетокот на мигрантската криза, што вкупно со денешната е во висина од околу три милиони евра.

Посочи дека Чешката Република во изминатите години била и е еден од најзначајните поддржувачи на Македонија на патот кон полноправно членство во ЕУ и НАТО.

Чешкиот амбасадор Томан, по потпишувањето изрази уверување дека соработката ќе продолжи, особено во полето на размена на искуства меѓу колегите од двете минситерства.

На прашањето дали Македонија е подготвена за нов бегалски бран, министерот Спасовски, рече дека многу е важно преку стратешки пристап на ЕУ и земјите членки и земјите од регионот да има координиран пристап и да се помогне во намалување на сите негативни ефекти.

Ние сме подготвени да продолжиме, ако дојде до зголемување на миграцискиот бран, на соодветен начин во кој Македонија ќе биде земја на транзит. Многу е важно да останат мигрантите таму каде што се сега и да се преземаат соодветни мерки за да нема движења, кои што ќе придонесат за зголемување на миграцискиот бран и за нарушување на безбедноста во одредени региони. Останува посветени на ова прашање, рече Спасовски.
Посочи дека веќе е усогласен и пред потпишување договорот со ФРОНТЕКС, кој ќе овозможи заштита на македонската граница.