Червар се гушкаше со македонските репрезентативци (ФОТО)

182

Ракометната селекција на Хрватска со максимални три победи ја мина првата фаза во Грац на Европското првенство (ЕП) во Шведска, Австрија и Норвешка, по што денеска се „пресели“ во Хрватска каде што ќе го одигра натпреварите од вториот круг, во кој се надеваме дека еден од ривалите ќе им биде и Македонија.

„Коцкестите“ во хотелот беа пречекани токму од македонските репрезентативци, по што следуваа срдечни поздрави и прегратки помеѓу поранешните соработници и соиграчи, со оглед што многумина од хрватскиот табор работеа односно играа во нашата земја. Селекторот на Хрватска, Лино Червар, кој во минатото беше предводник на Металург и на нашата национална селекција, се изгушка буквално со сите наши ракометари кои се најдоа во холот на хотелот. Слични беа средбите и со Лука Циндриќ и Игор Карачиќ, поранешните европски шампиони со Вардар.

Разговорите беа ептен пријателски, а желбата на речиси сите од хрватскиот табор речиси беше идентична.

„Македонци, дај совладајте ја вечер таа Австрија па да се дружиме заедно во втората фаза“, беше заедничката порака на Червар, Циндриќ и Карачиќ, но и на сите останати од составот на „коцкестите“.

Македонија вечерва го игра клучниот меч за пласман во следниот круг против домаќинот Австрија (18.15 часот), меч во кој најсигурно ќе ни заврши работа победа со најмалку два гола разлика. Понатаму би можеле и со триумф со еден гол, но ако постигнеме 31 или повеќе погодоци, а би продолжиле и со реми, но во тој случај ќе ни треба победа на Украина над Чешка во вториот дуел од групата кој ќе се одигра од 20.30 часот.