Цените на нафтата паднаа под 59 долари

78

Цените на нафтата на меѓународните пазари вчера паднаа под 59 американски долари, по влегувањето во сила на новите американски и кинески тарифи, предизвикувајќи загриженост за глобалниот економски раст и побарувачката за енергенси.

На лондонскиот пазар цената на барелот падна за 55 центи на 58,7 американски долари. На американскиот пазар еден барел се тргуваше по цена пониска за 38 центи односно за 54,72 долари.

САД во неделата воведоа нови царини од 15 проценти за увоз на низа кинески производи, вклучувајќи обувки, паметни часовници и телевизори со рамен екран. Кина воведе тарифа од пет проценти за увозот на сурова нафта во САД, со што за прв пат во трговскиот конфликт меѓу двете водечки економии се вклучени и енергенси.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека, сепак, претставници од двете страни ќе се состанат во септември за да разговараат за трговскиот спор. Според објавата на „Твитер“, негова цел е да ја намали зависноста на Америка од Кина.

На цените на нафтата влијаеја и податоците за растот на производството на нафта во членките на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) во август, првпат годинава. Причината е поголемата понуда од Ирак и Нигерија, која го надмина намаленото снабдување од Саудиска Арабија и значително намалениот извоз од Иран поради санкциите на САД.

loading...