Бразил се соочува со „биолошка Фукушима“ и секоја недела детектира нов сој на Ковид-19, предупредува Мигел Николелис, еден од водечките здравствени експерти во оваа земја.
Во вторникот беше забележан дневен рекорд од 4.195 смртни случаи, а најновите проекции покажуваат дека Бразил до јули оваа година потенцијално ќе се соочи со вкупен број од 600.000 смртни случаи, пренесува „Daily Mail“.
Николелис кој до февруари оваа година го предводеше тимот за борба против коронавирусот во североистокот од Бразил кој брои околу 60 милиони луѓе, вели дека претседателот Жаир Болсонаро е виновен за „најголемата човечка трагедија во бразилската историја“.

„Тоа е нуклеарен реактор кој опточна верижна реакција и кој е надвор од контрола. Тоа е биолошка Фукушима“, изјави денеска Николелис, алудирајќи на јапонската нуклеарна катастрофа која беше предизвикана од цунами во 2011 година.
„Мислам дека Бразил не е само епицентар на пандемијата ширум светот, тој претставува и закана за целокупниот напор на меѓународната заедница да ја контролира пандемијата. Ако Бразил не е ставен под контрола, планетата нема да биде под контрола. Секоја недела се јавува нов сој, а некои од нив се позаразни и посмртоносни и на крајот ќе ги преминат границите кон другите земји во Јужна и Латинска Америка и евентуално кон целиот свет“, предупреди тој во разговор за „BBC“.

Земјата со 212 милиони жители регистрираше во просек 2.757 смртни случаи дневно во текот на изминатата недела, што е најголем број во светот. Капацитетите на одделенијата за интензивна нега се пополнети повеќе од 90 отсто во 18 од 27 бразилски држави. Експертите истакнуваат дека овој бран е делумно предивикан од локалниот сој на вирусот познат како П1 кој може повторно да ги зарази луѓето кои веќе го прележале изворниот сој.