Од НАТО Алијансата порачаа дека се загрижени поради руската најава дека ќе воведат рестрикции во врска со бројот на бродови кои смеат да бидат присутни на просторот на Азовското море.
„Загрижени сме поради извештаите дека Русија планира да го ограничи пристапот на делови од Црното море и теснецот Керч. Тоа би било неоправдан потег и дел од широк образец на дестабилизирачкото однесување на Русија. Ја повикуваме Русија да обезбеди сигурен пристап до украинските пристаништа во Азовското море. Понатаму, руската „милитаризација“ на Крим, Црното море и Азовското море е закана по украинската независност и стабилноста на поширокиот регион“, изјави портпаролката на НАТО Алијансата, Олга Лунгеску.
Да потсетиме, руското Министерство за одбрана соопшти дека од 24-ти до 31-ви октомври ќе се воведе забрана за преминување на сите странски воени и други бродови низ руските територијални води во три региони од Црното море.

Ограничувањата се однесуваат на територија во близина на теснецот Керч кој го поврзува Азовското со Црното море и е од пресудна важност за извоз на житарици и челик од Украина.
Украинските бродови можеа слободно да пловат до 2014-та година кога Москва побара целосна контрола над Керчкиот теснец и спротивно на меѓународните права изврши агресија и анексија на украинскиот полуостров Крим.