Апелација ѝ ја намали затворската казна на Јанкулоска од 6 на 4 години

548

Апелациониот суд во Скопје, по одржаната јавна седница, ја преиначи првостепената пресудата за ексминистерката Гордaна Јанкулоска за случајот „Тенк“, со што е намалено времетраењето на казната затвор на Јанкулоска од 6 на 4 години.

„Апелациониот суд Скопје известува дека, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-46/18, во јавноста познат како „Тенк“, по одржана јавна седница, донесе пресуда со која жалбите на обвинетата Г.Ј. делумно ги уважи на начин што ја преиначи првостепената пресуда во делот на одлуката за казната и обвинетата ја осуди на казна затвор во траење од 4 (четири) години. Апелациониот суд Скопје во преостанатиот дел првостепената пресуда во целост ја потврди“, стои во соопштението на Апелациониот суд.

Ексминистерката Јанкулоска од страна на Кривичниот суд во Скопје беше осудена на 6 години затворска казна за набавка на луксузниот „мерцедес С 600“ за кој специјалното јавно обвинителство поведе обвинение со кодно име „Тенк“.

Во случајот „Тенк“ осудени беа поранешниот премиер Никола Груевски на две години казна затвор и поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски, на 6,6 години затвор за набавка на блиндирано моторно возило „мерцедес С 600 гард“ во вредност од 600 илјади евра.