Ангеловски без никакви промени на списокот за мечот со Грузија, до последно ќе се чека на Ристевски

471

Македонскиот селектор Игор Ангеловски во петок ќе го соопшти списокот репрезентативци за историскиот натпревар со Грузија за пласман на Европското првенство следната година, кој не очекува на 12. ноември во Тбилиси.

Без апсолутно никакви промени на репрезентативниот список, со фудбалерите на кои Македонија досега се потпираше на патот до ЕП, Игор Ангеловски ќе им се спротистави на Грузијците. Очекувањата и посакувањата се стандардните репрезентативци да бидат комплетно на располагање, наспроти актуелните проблеми со коронавирусот ширум Европа.

Позитивно е враќањето на Елиф Елмас на терените, кој по негативниот тест на Ковид-19 ги одигра и првите минути во дресот на Наполи, па следниот викенд дефинитивно доаѓа во Скопје, исто како и Стефан Ристовски без разлика што е ставен на „тенок мраз“ во Спортинг Лисабон без ниту една одиграна минута за својот тим.

Позитивен на Ковид-19 во моментов е дефанзивецот на унгарски Ујпешт, Кире Ристевски. И самиот Ујпешт вчера ја потврди информацијата дека на листата позитивни на коронавирусот во клубот е и македонскиот репрезентативец. Следното тестирање на Ристевски ќе биде на 10. ноември, па доколку резултатот е негативен ќе се приклучи на националниот тим во Скопје.

Собирот на репрезентацијата ќе биде на 9. ноември, а во Тбилиси се заминува на 11. ноември.