Ангелов: Не смеам да кажам дали има притисок на јужната граница

159

Имаме побарувачка од директорите на болниците да го зголемиме бројот на припадници на Армијата зашто луѓето се чувствуваат побезбедно кога има војска, рече денеска в.д. директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Во разговор за телевизија 24, Ангелов истакна дека Главниот кризен штаб постојано заседава и е подготвен да реагира во секој момент, доколку има потреба. Припадниците на безбедносните сили може да се соберат за половина до максимум еден час.

Според Ангелов, во моментов земјава се соочува не само со корона кризата, туку и со мигранстката криза. Има информации дека во одредени кампови КОВИД-от е многу раширен, па секој влез, движење и трансфер низ земјава на таквите лица е дополнителен здравствен ризик за граѓаните.

-Денес во болниците имаме војска и полиција. Но, дали некој видел војска и полиција, а тие се сепак се таму. Неколку пати сум ги посетил, да видам дали се на своите места. Можам да кажам дека и војската и полицијата се за пофалба зашто на високо ниво одговараат на обврските. Нема ниту еден инцидент во кој е вклучен полицаец или припадник на Армијата кој работи на обезбедување, истакна Ангелов.

Во овој момент, потенцира, нашите војници освен што ги обезбедуваат здравствените капацитети како поддршка на полицијата, истовремено се распоредени и на јужната и северната граница.

-Во овој момент во земјава имаме две кризни состојби, едната е со КОВИД-19. Во тек е првиот месец и ќе биде продолжена уште шест месеци. Втората кризна состојба не е на целата територија, туку само на јужната и северната граница и е поврзана со мигрантите, со нивниот влез и транспорт низ Северна Македонија. Мигрантите, покрај безбедносниот ризик, внесуваат и зараза. Имаме информации дека во одредени кампови е силно раширен КОВИД-19 зашто тие таму немаат никакви услови, посебно не хигиенски, а да не зборуваме за дистанца. Натрупани се особено во некои кампови во Грција каде бројката е повеќекратно поголема од дозволената и нивнито трансфер, влез и движење низ земјава може негативно да се одрази освен безбедносно и во однос на ширењето на КОВИД, рече Ангелов.

На прашањето дали има притисок на јужната граница, в.д. директорот на ЦУК одговори дека располага со информации, но тоа е надвор, како што истакна, од она што смее да го каже.